Антикорупциска критикува за планот за згради кај Холидеј ин – Богдановиќ најавува битка за втор мандат

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кој периодов е мета на остри критики од јавноста и стручната фела ќе се кандидира за втор мандат на локалните избори. Скандалот со сечата на дрвја на Орце Николов и планот за висококатници спроти ГТЦ, не го демотивираат – се надева и дека ќе ги добие изборите. Деталниот урбанистички план ниту по притисоците од јавноста не успеа да го суспендира, оти Комисијата при Министерството за транспорт и врски го одби елаборатот за суспензија. Сега на адреса на Богдановиќ стигнуваат низа критики, кои тој ги отфрла. Дури и антикорупциската комисија повторно реагираше – одговорните од локалната самоуправа немале доволно сериозен и професионален пристап.

Тоа што некој смета дека елаборатите не се добри и ја обвинува Комисијата, јас можам само да напоменам дека истата Комисија смени и ревидираше осум планови, значи кога ќе ревидира план тогаш е добра, а сега кога направила елаборат за суспензија и  кој е одбиен, не е крива Комисијата – вели Богдановиќ.

ДКСК алармира дека јавниот интерес е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци, кои без право се стекнале со право. Суспензија се барало само формално.

Само формално се бара суспензија, колку за пред јавност, а во суштина се прават намерни пропусти колку да поминат веќе договорени зделки. Сметам дека доколку вистински се сака да се утврдат слабостите на спорниот план, треба да се пристапи кон точно и прецизно подготвување на елаборатите и суспендирање на Деталниот урбанистички план – вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Богдановиќ појаснува дека и откако елаборатите за суспензија беа одбиени од ресорното министерство, Комисијата за урбанизам ќе продолжела да работи на изнаоѓање решение.

Комисијата за урбанизам работи цело време, истата Комисија работи на ревидирање на плановите, ние рековме дека тоа ќе го правиме постојано. Нормално, какви насоки ќе добиеме од Советот, така и ќе постапиме –  додава градоначалникот.

Дали Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе постапи по иницијативата на антикорупциска за планот кај Холидеј ин е нејасно. Доколку не се суспендира планот пак, покрај трите кули, може да се градат и останатите две шеесеткатници.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста