Анкети: убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ

Убедливо водство на опозициската пред владејачката партија – анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ би освоило меѓу 70 и 100 илјади гласови повеќе од СДСМ.

Иако трендовите укажуваат дека се топи довербата за Зоран Заев и за неговата коалиција тој и натаму тврди дека е во предност. Сепак, признава дека поразот во Брисел ќе има влијание на расположението на гласачите.

„СДСМ наспроти ВМРО ДПМНЕ води. Водиме со 3 процентни поени, тоа го објавивме јавно и транспарентно преку кредибилни агенции кои што го направија тоа, секако крајот на октомври почетокот на ноември ќе финансираме уште една анкета, за да измериме како после одлуката како стоиме“ изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Од друга страна опозицискиот лидер е уверен дека коалицијата предводена од него ќе извојува убедлива победа. Христијан Мицкоски смета дека граѓаните ќе стават крај на, како што вели, криминалот и распродавањето на државните интереси.

„Следуваат предвремени парламентарни избори. На тие предвремени парламентарни избори победува обновата на Македонија, а потоа засукување на ракави и безкомппромисна работа секој ден за да можеме да го постигнеме сето она коешто е изгубено во овој период и Македонија да ја ставиме на брза лента за да стане дел од европското семејство“ изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, истражувањата на јавното мислење ја поткрепуваат изјавата на лидерот на опозициската а не на владејачката партија.
Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е шест процентни поени кај определените гласачи односно кај оние кои ќе излезат на избори. Ова го покажува анкетата спроведена од ИПИС а цитирана од угледниот и влијателен Europe Elects 42.6% од гласовите би отишле на конто кај ВМРО-ДПМНЕ, а 36.6% кај СДСМ. Кај албанскиот политички блок на врвот се уште е ДУИ до 9.1%, следи Алијанса за Албанците со 5.7%, а Алтернатива и БЕСА имаат 1.6% односно 1.4%.

Од вкупниот број на гласачи 21.1% би го поддржале ВМРО-ДПМНЕ, 18.1% би гласале за СДСМ. 26.1% рекле дека нема да гласаат за ниту една партија, 14.7% од граѓаните не сакаат да кажат за кого ќе гласаат а 9.7% се уште немаат донесено одлука.
Истражувањето на јавното мислење е спроведено од 14 до 17 септември на репрезентативен примерок.

Слична разлика покажува и анкетата на Агенцијата Маркет вижн која е спроведена од 17 до 24 септември.
Во неа за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 39.8% од граѓаните, а за СДСМ 31.2%.

Овие анкети се спроведени пред дебаклот во Брисел кој беше сериозен пораз на владините политики и кој допрва ќе се одрази на рејтингот на Зоран Заев и СДСМ, а секако сериозно влијание имаат криминалните скандали кои го тресат владиниот кабинет. До изборите на 12 април остануваат уште 174 дена, ако се земат предвид досегашните трендови разликата меѓу опозицијата и власта би требало да продолжи да се зголемува.

Никола Крстиќ