Анкета на БИПС – ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 54 мандати, СДСМ 47

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија на претстојните парламентарни избори ќе освојат 54 мандати,а СДСМ и БЕСА 47 пратенички места.Ваков распоред во парламентот предвидува анкетата на БИПС. Институтот дошол до овие резултати откако процентот на поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го пресметал во места кои власта и опозицијата би ги имале во парламентот.

Според анкетата на институтот за демократизација на човековите права и слободи и истражувања во областа на безбедноста граѓаните имаат над три проценти повеќе доверба во опозицијата. 24,5 проценти од испитаниците се изјасниле дека на изборите на 15 јули ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ и Беса 21,4 проценти.

Анкетата била спроведена од 29 јуни до 4 јули врз 1323 испитаници.

Освен БИПС победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори предвидува и ИПИС. Според овој институт опозицијата има предност пред власта од 2,1 процент.

Водство на ВМРО-ДПМНЕ во пет од шесте изборни единици покажува и анкетата која ја спроведе и американската агенција меклафлин анд асошиејтс.

Од друга страна според телефонската анкета на Стратум врз 900 испитаници од 1 до 6 јули коалицијата СДСМ и БЕСА има предност пред ВМРО-ДПМНЕ. 25 проценти од избирачите ја поддржале власта, додека 23 проценти дале поддршка на опозицијата. ДУИ има поддршка од 7 проценти, а Алијансата на Албанците и Алтернатива од пет проценти. За левица би гласале 2, а за ДПА 1 процент од гласачите.

Сепак овие бројки заедно со оние на неопределените и граѓаните кои нема да гласаат на избори е 101 процент.

Проблем со вкупниот процент на граѓани кои беа анкетирани се појави и на анкетата на НДИ на која исто така СДСМ и БЕСА имаа најголема поддршка. Таму недостасуваа 6 проценти од вкупните ставови на испитаниците. СДСМ и БЕСА водеа и според истражувањето на Брима Галуп.Агенцијата ја спроведе, но не ја објави анкетата и не кажа кој е нарачател.

Градимир Марковски

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста