Скринингот доцни, родителите се противат – стартуваат анкетите за дозвола за тестирање на учениците

Близу 70 проценти од родителите нема да дозвoлат нивните деца да бидат дел од Ковид скринингот во училиштата, покажува анкетата објавена на сајтот факултети.мк. На прашањето дали би се согласиле вашето дете да биде тестирано за Ковид-19 негативно одговориле 1203 испитаници или 66,5 отсто, а само 605 родители дале позитивен одговор. 69 проценти пак одговориле дека не веруваат оти со скринингот ќе се намали ширењето на вирусот меѓу децата.

Најревносни по ова прашање се родителите на помалите дечиња кои сметаат дека за нив скринингот би бил големо малтретирање. Оние кои во домот имаат средношколци сметаат дека во средните училишта треба да бидат тестирани сите ученици, а не само репрезентативен примерок по случаен избор.

Ако се суди пак според коментарите на социјалните мрежи најголемиот дел од родителите нив нема да дадат согласност децата да им бидат тестирани.

„Ако треба ние дома ќе си ги тестираме децата, сега има брзи тестови и не е проблем дома да се направи“.

„За ова кажавме дека давеме отпор. Здрави деца не треба да се тестираат“, коментираат родителите.

Секако има и такви кои велат оти со задоволство ќе потпишат согласност децата да бидат тестирани за корона висурот.

Дел од родителите пак споделуваат искуства од Западно европските земји, на пример Астрија каде учениците се тестирале три пати неделно. Во Швајцарија пак децата оделе на училиште без маски и без да бидат тестирани.

Од друга страна лекарите се погласно коментираат дека скринингот во основните и во средните училишта во кој би учествувале деца без симптоми и по случаен избор нема да даде реален увид во епидемиолошката состојба во училиштата.

Здравствените власти првично најавија дека со скринингот ќе бидат опфатени помеѓу 40 и 50 илјади ученици. Сепак, последната одлука е да се тестираат само 8200 ученици. Тестирањето ќе биде по случаен избор од регистарот на Е-дневникот, а постапката за добивање на согласнот од родителите почна денеска. Предвидено е ковид скринингот да трае пет дена, ќе го спроведуваат мобилни екипи во рамки на училиштата, а се ичекува дневно да бидат опфатени по околу 1600 ученици. Скринингот на терен, кој беше најавен за почетокот на Октомври, најверојатно ќе стартува следната недела.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста