Анѓушев ја советува Ангеловска какви мерки да се носат, а неговите фирми добиваат пари

Учествува во носење одлуки за делење пари, но и самиот ги добива. Екс Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од април е дел од новоформираниот Совет за фискални мерки против Ковид19. Тој бил член предложен од Стопанската комора на Македонија. Неговото учество е дискутабилно, бидејќи неговата фирма „Брако“ доби 105 илјади евра во вид на помош за исплата на 14.500 денари по работник за месец април, мерка за која Советот дискутирал. Неговата компанија доби и 140 илјади евра од Министерството за здравство за изработка на мобилната болница близу Инфективната клиника во Скопје. Ангажманот на Анѓушев наиде на неодобрување од страна на поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ.

„Ете зошто си лапна неговата фирма 106.000 евра државна помош (за само еден месец), иако остварува милионски добивки, а дава плати под 300 евра. Ете зошто и ќе нема пари за луѓето што останаа без работа, за сиромашните, невработените, малите фирми. Ете зошто и никогаш нема да нѐ биде“ – пишува Јовановиќ.

Од министерството за финансии реагираат дека членовите на Советот ниту предлагале мерки, ниту пак одлучувале дали ќе се воведат, туку само разменувале мислења. Анѓушев не добил надомест за неговиот ангажман. Немало селективност при делењето на пари – уверуваат од финансии.

„Мерката важи еднакво за сите и нема простор за било каква селективност во истата. Секоја компанија која ги исполнува предвидените критериуми, меѓу кои да има поголем пад на приходите од 30% во месецот во кој аплицира има право да ја добие финансиската поддршка за оние вработени за кои ги исполнува условите“ – велат од министерството.

Во Советот освен Анѓушев членуваат универзитетските професори Трајко Славески и Борче Треневски, како и даночниот советник Павле Гацов. Анѓушев e единствен бизнисмен во ова тело бидејќи во него нема претставници од Сојузот на стопански комори или Комората на северозападна Македонија. Ова создаде револт кај неговите колеги бизнисмени во двете комори кои не биле ниту поканети да бидат дел од Советот. Тие упатија остра порака со министерката за финансии Нина Ангеловска. Прашаа зошто тие биле исклучени од дискусиите и по кој критериум само Анѓушев бил компетентен да советува.

„Со ова од страна на Министерството за финансии е направена директна дискриминација кон останатите релевантни стопански комори и исклучени се од можноста да допринесат во процесот на креирањето и квалитетот на фискалните мерки кои треба да се носат во интерес на целата деловна заедница и сите граѓани“ – стои во дописот од двете комори.

Инаку Анѓушев беше Вицепремиер до јануари кога профункционира техничката Влада. Тој тогаш изјави дека нема интерес да биде дел од новиот состав бидејќи договорот бил неговиот ангажман да заврши дотогаш и дека требало повторно да се врати да управува со неговите фирми кои трпеле во негово отсуство.

Тања Попова

Поврзани вести