Ангеловска за Алфа: Не носам одлуки под притисок

Прогресивниот данок е тргнат по анализи и бројки, не под притисок на какви било бизнис интереси – вели министерката за финансии, Нина Ангеловска за Алфа. Според неа, не можело сега да се надомести штетата и да се вратат 12-те милиони евра од наплатениот прогресивен данок пред да биде замрзнат.

„Јас не носам одлуки под притисок, туку на база на бројки и анализи. Ние сме во ситуација каде за да се создадат поволните услови треба да го зајакнеме даночниот морал и довербата во институциите, за кога ќе стапи на сила прогресивниот данок сите да сакаат да си го платат данокот. Ако ги имаме сите овие работи предвид, ќе видите дека моите одлуки се базираат на факти, анализи и бројки“, рече Ангеловска.

Несериозно е да се тргне во реформа без соодветни анализи и потоа да се бараат привемени решенија- смета поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.Според него цената на овој експеримент ја платиле граѓаните.

,, Сега СДСМ никако не може да се оправда за стопирање на прогресивниот данок зошто има неконзистеност, едно се зборува, друго се прави. Партиите на изборите треба да прават издржани програми. Од тој аспект имаме една неконзистеност или за што се залагаат, а што прават. Нашите ставови се кристално јасни. Ние мислиме дека рамниот данок е праведен, зошто оптоварувањето е процентуално еднакво, но во апсолутниот износ се разликува” – објасни Миноски.

Даночниот советник, Павле Гацов вели дека во следните 36 месеци ќе се дефинира дали се создадени сите предуслови за една ваква даночна реформа.

Инаку, буџетот за 2020 веќе е скроен и чека зелено светло од Владата..Едно е сигурно ќе биде поголем од годинешниот, растот е проектиран на 3.8%, дефицитот на 2.3%.. Немало да се проектираат високи суми за капитални инвестиции, откако овие јавни трошења завршија неславно со ребаланс, па парите мораше да се прераспределуваат за други намени.

Билјана Трендафилова