Ангеловска се предомисли, администрацијата не требало да се удри по џебот

Што ја предомисли министерката за финансии Нина Ангеловска по втор пат да ги „спаси“ административците од кратење на плати? Откако два месеци на речиси секоја прес конференција повторуваше дека вработените во јавниот сектор треба да бидат солидарни и да имаат пониски примања, сега конечно потврди дека во платите на административците нема да се чепка. Ова прашање не било предмет на дискусија и нема да биде дел од ребалансот на буџетот. Поразличен став од нејзиниот имаше министерот за економија Крешник Бектеши кој беше против да се намалат примањата. Се уште не се знае дали министерката не инсистираше за кратење на платите, под притисок на ДУИ или за да не ја наруши позицијата на владејачката СДСМ во пресрет на парламентарните избори.
Министерот за економија Бектеши вчера рече дека темата за кратење на платите во јавниот сектор ја форсирале медиумите, а не дел од министрите. Со Ангеловска имале добра соработка. Синдикатите и опозициската ВМРО-ДПМНЕ неколку пати се изјаснија против намалување на платите.
Инаку две третини од 120 илјади административци не одеа на работа два месеци. Истовремено, 9.000 вработени во приватниот сектор останаа без работа, а на илјадници им беа намалени платите.
Владата до крајот на неделава кога истекува вонредната состојба, треба да го усвои ребалансот на буџетот. Министерката Ангеловска најави дека ќе се зголемат расходите од сегашните 3,9 милијарди евра, бидејќи требале пари за излез од здравствената и економската криза. Кратење на средства ќе немало, само прераспределба на средства меѓу различни корисници. Владата досега прераспредели едвај 106 милиони евра од буџетот.
https://youtu.be/9ELX380JzyQ?t=37
Тања Попова