Ангеловска: Парите ги инвестирав лани, дел од нив повлеков за да купам стан

Нина Ангеловска тврди дека се лаги информациите дека ги повлекла парите од „Еуростандард“ или пак дека ги префрлила во други банки. Министерката за финансии вели дека не биле точни ниту сумите кои ги објавиле медиумите, иако се работи за податоци на Антикорупциската комисија содржани во анкетните листови кои Ангеловска ги приложила. Таа уверува дека уште минатата година над половина од депозитите биле вложени во инвестициски фонд. Единствено што било точно е дека имала штедни влогови во „Еуростандард“.

„Вистината е дека пред стапување на функцијата – Министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“ – вели Ангеловска.

Антикорупциската комисија ќе отвори предмет за министерката за тоа дали имала инсајдерски информации кои ја поттикнале навреме да си ги повлече парите. Оттаму велат дека од анкетните листови доставени од Ангеловска се гледа дека од 250-те илјади евра кои таа ги имала во „Еуростандард“, во јануари било пријавено дека повлекла 8 милиони денари, а последната промена била направена во јуни, неполни два месеци пред пропаста на банката. Критики кон Ангеловска упати и поранешниот гувернер Петар Гошев. Според него, министерката имала интерни информации дека банката пропаѓа и ја искористила службената положба.

„ Јасно е дека таа ги извлекла парите на време, јасно е дека та можела да има информации за она што ја очекува банката. На седниците на комитетот се расправа за слабите точки на банкарскиот сектор. Овде имаме ситуација на искористување на положбата. Ако нема кривично дело врз основа на закон, има сепак голем етички проблем“ – вели Гошев.

Инаку претходникот на Бежоска, поранешниот гувернер Димитар Богов застана во нејзина одбрана. Тој вели дека гувернерката ја донела единствената исправна одлука во оваа ситуација и дека ако тој бил на нејзино место би го сторил истото. Народната банка, според него, ги исцрпила сите можности за да ја спаси банката. Тој посочи дека капиталот се зголемувал, но парите се вложувале во нови лоши кредити.

„И покрај годишните супервизорски извештаи од контролите во оваа банка кои му беа доставувани на Надзорниот одбор и многуте состаноци во изминатите години со акционерот и целиот состав на Надзорниот одбор, на кои детално им беше презентирана реалната состојба во банката и амбисот кон кој се движат, тие не успеаја да го подобрат работењето со Еуростандард банка и да го намалат нивото на лошите кредити“ – вели Богов.

За одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард“, сопственикот на банакат Трифун Костовски најави дека ќе поднесе тужба кон Народната банка. И од Народната банка обвинија за лаги и клевети и рекоа дека ќе ги преземат сите законски мерки за да ја заштитат репутацијата на монетарната власт.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста