Ангеловска- Бежоска: Стапката на инфлација нема да оди нагоре

Не се очекува пораст на стапката на инфлација. Очекувањата за тоа како ќе се движат цените на примарните производи до крајот на годината се коригирани надолу – вели гувернерката на Народната банка во интервју за „Капитал“. Во првите 3 месеци инфлацијата била ниска и стабилна. Ангеловска – Бежоска информира дека инфлацијата заклучно со март изнесува 0,6% и е под проекцијата. Коронавирусот придонел за намалување на глобалната побарувачка и за пад на берзантските цени, особено на нафтата, која пак, можела да предизвика поевтинување и на други производи. Дополнително, мерките влијаат домаќинствата да ги одложат плановите за купување. Ангеловска – Бежоска, вели дека за ризиците кои можат да ги вивнат цените нагоре, постои мала веројатност да се остварат.

„Беа забележани неколку изолирани епизоди на раст на цените на одредени производи на периодот на почетокот на кризата, но сепак станува збор за ограничен број производи. Овој ефект веројатно во целост ќе биде неутрализиран од факторите коишто веќе ги споменав, бидејќи тие вршат притисок за намалување на цените. Организацијата за храна и земјоделство превентивно ја потенцираше значајноста од одржување на активноста на глобалните синџири на храна, при што нагласи и дека понудата на храна во глобални рамки не претставува извор на загриженост и дека таа е солидна и стабилна. Оттаму, ограничената или намалена понуда не би требало да претставува фактор што би креирал нагорни притисоци врз цените“ – вели Ангеловска – Бежоска.

Народната Банка презема мерки за помош на граѓаните и стопанството, од намалување на основната камата, задолжителната резерва, до пониска понуда на благајнички записи. Дополнително, гувернерката информира дека дури 70% од граѓаните ги прифатиле понудите од банките за одложување на ратите за 6 месеци.

Народната банка, очекува пад на економијата годинава поради последиците од коронавирусот. Закрепнување се очекувало дури во текот на следната година. Сепак, таа тврди дека на краток рок, економските остварувања ќе бидат пониски од досега очекуваните. Освен падот на домашната побарувачка, ризиците доаѓале и однадвор, од Европската Унија и особено Германија како наш најголем трговски партнер. Како пример ги наведе дел од фабриките кои привремено веќе го прекинаа производството, потег што ќе се одрази врз вкупниот извоз.

„Oвие отстапувања не се предизвикани од поместувања во економските фундаменти и засега се очекува да бидат од привремен карактер. Антикризните пакети на мерки, а во овој контекст и мерките кои ги презема Народната банка, имаат за цел да обезбедат ублажување на негативните ефекти и да го помогнат закрепнувањето на економијата, а притоа да се задржи макроекономската стабилност“ – вели гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска.

Народната банка е во последна фаза на подготовка на проекциите за македонската економија до крајот на годинава, кои треба да ги објави во мај. Министерството за финансии веќе излезе со проекција дека падот во вториот квартал ќе изнесува дури минус 15%. Меѓународниот монетарен фонд прогнозира рецесија за економијата годинава од минус 4 отсто.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста