Ангелов не сака да биде дезертер, одговорноста за случајот со починатиот Божинов ја бара кај други

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вината ќе ја бара кај сите други ама не и кај самиот себе. Не чувствува одговорност за случајот со 63 годишниот Златко Божинов од Емирица во кој системот затаи.

Дисциплинска постапка ќе се покрене кон оперативецот во Кратово кој според Комисијата на ЦУК, тој не ја известил дирекцијата за заштита и спасување и не побарал хеликоптер.

Ангелов се правда дека не бил известен за случајот, оти ако бил, повеќе од сигурно ќе побарал хеликоптер, ако знаел што се случува. За него оставка не е опција туку дезертирање.

Оставка за мене не е опција тоа е дезертирање. Во наредните шест месеци има многу работа која треба да се сработи за да се отстранат слабостите. Доколку Владата побара од мене одговорност јас ќе ја профатам – истакна директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Комисијата која ја формираше ЦУК ќе истражува кој дел од системот направи пропуст што случајот заврши со смртен исход. Ангелов се пофали дека одговори  побарал од сите.

Ги бараме пропустите, бараме одговорност, но крајната цел е истите да ги отстраниме за да не ни се повторат во иднина. Доколку се утврди вина кај некој од учесниците во целата оваа постапка ќе биде покрената дисциплинска мерка. Во овој момент од страна на Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување што претставува кршење на стандардните оперативни процедури за што следи дисциплинска постапка. За целосно расчистување на случајот одговорноста која неспорно постои и кај нас ќе ја бараме и на други места, истакна Ангелов.

Јавноста остро критикува, а дополнително револтира фактот што премиерот заедно со уште неколку министри минатиот петок се возеа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, а два дена претходно не можело да се обезбеди за човек кој се борел за живот.

Иако младиот лекар преку директорот на Здравствен дом Кратово побарал хеликоптер, ваквото барање градоначалникот го отфрлил со образложение дека процедурите за летови биле долги, и ќе се изгубело драгоцено време.

Трогателната приказна во која 90годишната мајка 12 часа лежела до синот за да го топли, ја отвори и дилемата каде се  двата хеликоптерите кои минатата година ги вети премиерот. Од власта се правдаат дека проектот  со кои за 15 минути може да се спаси човек не се реализирал, поради ковид кризата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста