Ангажираниот медицински пресонал за време на Ковид-пандемијата во прилепската Болница, со месеци оставен без скршен денар

       Додека пандемијата повторно зема галопирачки замав, група медицински сестри и болничари од прилепската Болница, кои беа ангажирани како припомош во Ковид-одделите за цело време на кризата, а и се уште се на работа, реагираат дека со месеци, освен што немаат земено ниту скршен денар, немаат ниту било каков договор за ангажманот.

„Ние сме шест медицински сестри и една болничарка, ангажирани за време на Ковид-пандемијата. Од март месец, па досега пожртвувано и хумано работевме и пружавме помош на болните лица. До ден денес сме без никаков надоместок и без договор за работа. На дел од медицинскиот персонал му дадоа договори и веќе им се исплатени средства. Како е можно да сме поделени кога сите исто работевме ?! Зарем вака раководството и Упрвата ни се заблагодарува за пожртвуваноста  околу пациентите и ризикот да заболиме и ние, а и нашите семејства?!“ – прашуваат ангажираните медицински лица кои, заради заканите од Управата дека ќе бидат избркани ако проговорат јавно за овој проблем, побараа да останат анонимни, но нивните имиња и’ се познати на Редакцијата.

   Со сличен револт е и блиска роднина на една од медицинските сестри, која пак, била на само еден испит пред дипломирањето на Медицинскиот факултет.

„Кога се затвори Ковид-центарот, беа распределни по одделенија, и пак со истата лага, и пак без денар, за денес директорката да им рече дека немало пари и дека ќе гледала од ноември да им обезбеди документ за да биле како волонтери. Ами, за волонтери тие треба прво и да прифатат, оти тие на почетокот им рекоа дека се’ ќе им биде платено, и ноќно, и празнично. Tие работеа, не волонтираа..Ги деморализираат децата, затоа бегаат од земјава, а учеле, се мачеле и на крајот ништо…“, – разочарано ни раскажа роднината  на една од медицинските сестри, која не крие дека за ангажманот на својата внука ургирала преку човек од владеачката партија.

    Директорката на Болницата пак, Кети Смилеска, признава дека на овие луѓе не им е решен ниту статусот, а ниту пак им се исплатени ветените надоместоци, иако работеле со полно работно време во најризичниот период. Причината била што Болницата немала пари. Но, се правда дека сега било предизборие и дека до ноември, заради законските ограничувања, не можела ништо да стори, ама после тоа проблемот ќе го решавала преку спонзорства.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста