Анализа: Патот кон ЕУ за Македонија е „маратон од 42 километри со пречки“

Европската унија пред земјите од Западниот Балкан и нивните амбиции за членство поставува невозможни пречки на секој чекор, при што најпрвин им се испраќа порака дека се зависи од нив самите, а потоа државите кои веќе се членки ги блокираат. Ова е ставот на дел од меѓународните експерти во интензивната дебата која следеше по француското вето за преговорите со Македонија и Албанија и нон пејперот со кој Париз бара нов пристап кон проширувањето на унијата. Најилустративно тоа го објаснува Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.

Трките со пречки на 400 метри постојат како олимписка дисциплина, но невозможно е да трчате маратон од 42 километри со пречки. А токму тоа е она во што се претвори процесот на пристапување каде секоја земја членка има право на вето“ – објаснува Гералд Кнаус.

Според експертите главниот проблем лежи во фактот дека процесот на пристапување повеќе не е она поради што беше создаден – да продуцира промени на подобро, туку се претвори во вежба на штиклирање без суштински промени, како што објасни и самиот француски претседател Макрон. Министрите од ЕУ веќе два пати расправаа за проширувањето, а ЕК доби задача во јануари да излезе со нова методологија. Но францускиот предлог е збунувачки, додаваат експертите, бидејќи вистинскиот проблем не е методологијата, туку фактот дека секоја земја членка може, кога и да посака, од свои причини да става вето. А бидејќи токму Макрон се залага во иднина на ниво на ЕУ да се носат одлуки со просто мнозинство, тогаш логично е да се заложи за такво нешто и во процесот на проширување, за да не може до бескрај да се ставаат блокади пред земјите аспиранти за членство.

Драган Милосављевиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста