Анализа: Ако ДУИ ги изгуби Кичево и Тетово тоа ќе значи дебакл за Ахмети

Дали евентуален пораз на кандидатите на ДУИ во Тетово и во Кичево ќе значи дебалк за партијата на Ахмети? Аналитичарите се на став дека ДИУ ќе ги употреби сите расположливи механизми за да ја задржи комотната позиција која ја има на локално ниво.

„Сметам дека ќе се употребат сите модели, оружја (фигуративно) и сите финти за да се задржи она што се поседува. Затоа што ДУИ досега го водеше орото во овие места и ќе стори се за да го задржи. Не мислам дека ДУИ ќе изгуби од проста причина што ДУИ има премногу т.н. гласачка војска на терен, која е обврзана што со работа, што со условувања и со низа нешта кои се врзани и кои доколку се загубат ќе се загуби и позицијата на терен, а и реално јак тектонски удар ќе биде нанесен на ДУИ како политичка партија“, вели аналитичарот Агим Јонуз.

Министерот од редовите на БЕСА, Аријанит Хоџа смета дека тетовци се уморни од актуелната локална власт и се желни за промена на градоначалничката структура.

„Секоја поддршка за Тетово и Желино е добредојдена. Поддршката на граѓаните нема да дозволиме да се претвори во политичко пазарење .Ние сме во комуникација со сите граѓани од Тетово и убедени сме во победа. Тетовци се уморени од Теута Арифи и нејзиното владеење“, истакна министерот Аријанит Хоџа.

Политикологот Џенур Исени пак вели дека бадијала ќе биде победата на Власта во помалите општини, ако не бидат добиени големите

„Најлошото сценарио за ДУИ е пораз во Тетово кое има и политичко значење за етничките Албанци. Ако се додаде на тоа евентуален пораз во Кичево, тоа ќе значи пад на ДУИ, иако победиле во некои рурални општини. Јас мислам дека Заев не е во позиција да го ризикува опстанокот на Владата, мислам дека ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, односно Теута Арифи“. рече Исени.

Во меѓувреме, независниот кандидат за Кичево и внук на Али Ахмети, Фатмир Лимани, кој во првиот круг заврши како трет најави дека својата поддршка ќе ја даде на опозициската ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот кандидат Александар Јовановски.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста