Аналитичарите за тоа колку лидерот на СДСМ ги исполнил очекувањата на Албанците – Јонуз: Заев не може да се надева на контингенти албански гласови како во минатото

Големите контингенти албански гласови за СДСМ во добар дел се веќе минато. Кај албанскиот дел од електоратот кој мислеше дека ќе добие подобра живеачка постои разочарување бидејќи од актуелната власт придобивки имаа малкумина, смета политичкиот аналитичар Агим Јонуз. Според него Заев ни одблизу не може да се надева на поддршка од етничките албанци како на претходните парламентарни избори.

“Многу помалку ќе добие. Многу луѓе сметајќи дека во албанскиот блок се понесигурни и ако Македонците ги употребуваат како гласачко тело ќе добијат некои привилегии. Од сесет души дали еден доби. Тие кои го поддржуваа Заев мислеа дека ќе им тече мед и млеко”, вели Јонуз.

Тој истакнува дека во Македонија постои разочараност од политичките елити, а на овие избори Ахмети ќе сака да си го поврати делот од гласачите кој природно му припаѓа. Вклучувајќи ја и тезата за Албанец премиер. Етноцентризмот како што вели тој и натаму е факт во Македонија. Токму затоа очекува ДУИ политички да профитира. Концептот едно општество за сите според него не понудил нешто ново.

“Концептот едно општество за сите не направи ништо повеќе од имплементирањето на Рамковниот Договор. Тој се уште не е комплетно имплементиран, но и да се имплементира повторно ќе постојат некои незадоволни души кои ќе речат дека ова не е тоа што го очекувале”, вели Јонуз.

Бујар Османи од ДУИ пак вели дека нема да направат политичка криза ако не биде избран Албанец премиер, од причина што се убедени дека тоа ќе се случи.

“Ние ќе го добиеме првиот премиер Албанец во Македонија. И тука сум убеден не го кажувам ова без основа. Сите услови се исполнети. Македонија веќе се движи кон еднаквост на сите граѓани”, вели Османи.

ДУИ стои на ставот дека Албанец треба да ја предводи идната македонска вада. Заев, Мицкоски и опозицијата во албанскиот блок ја отфрлија оваа варијанта.. Лидерот на СДСМ изјави дека ДУИ нема да биде дел од идната влада која тој би ја формирал доколку условува со Албанец премиер. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тој е шпицен кандидат за премиер. Алијанса смета дека ова е обид на ДУИ за дефокусирање од вистинските проблеми и дека требало да го поддржат кандидатот Албанец за претседател на државата. И ДПА однесувањето на интегративците го оценија како скандалозно.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста