Аналитичари: Кој и да победи во САД не треба да се очекува драстична промена на политиките кон Македонија
Главната глобална цел на САД е во светот да нема никаков нов конфликт, па од тоа би можела да добие и Македонија. Новиот американски претседател, кој и да биде, сигурно ќе посакува Западниот Балкан што побрзо да се интегрира во Европската Унија, сметаат познавачите. Според универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во САД Васко Наумовски, за очекување е новото раководство во Белата куќа да сака што побрза интеграција на регионов, да спречи каков било можни проблеми тука
-Можеме да се надеваме дека американската политика без разлика на исходот на претседателските избори ќе се посвети кон регионот на Западниот Балкан, затоа што ако се појават нови кризи на Западниот Балкан, тие неминовно ќе влијаат врз онака кревката стабилност на Европа. Така што верувам дека во наредниот период ќе има зголемен фокус на американската надворешна политика на Балканот и со тоа поддршка за целосната европска интеграција и на Македонија, изјави Наумовски.
Новинарот Дејан Андоновиќ за Алфа вели дека Западниот Балкан наредниот период може да падне во втор план, а тоа да претставува поголем притисок за европските земји да ја забрзаат евроинтеграцијата на државите, меѓу кои и Македонија.
-Ќе биде оставен на Европската Унија, на европските држави, кои сега ќе мораат повеќе да придонесат да се заангажираат за односите, политиката и сето она што се случува на Балканот. Останува доколку победи Трамп одредени лидери од Балканот да имаат можеби поблиска и полесна комуникација директно со претседателот во Белата куќа, но тоа ќе бидат исклучиво за некакви цели кои ќе бидат пред свршен чин, изјави Андоновиќ.
Без разлика дали во Белата куќа ќе влезе Доналд Трамп или Камала Харис, според Андновиќ главна цел ќе биде решавањето на големите светски конфликти.
-Русија, Украина, Блискиот исток. И повеќе од јасно е дека идниот претседател на САД, без разлика дали ќе биде Трамп или Харис, ќе биде фокусот Кина и сето она што се случува таму, а увертирата е гледаме преку Северна Кореја и се поголемите тензии за нивната вмешаност во војната во Украина, изјави Андоновиќ
Останува отворено прашање дали ќе има некаква промена на американската политика во однос на руско- украинскиот конфликт. Според Наумовски такво нешто може да се очекува ако победник биде Трамп.
-Најголемата разлика и меѓу кандидатите и по евентуалната победа на Доналд Трамп и промената во Белата куќа би се однесувале на промената во однос на американската надворешна политика кон руско украинската криза. Се очекува доколку дојде до промена во Белата куќа, да се промени и односот на САД кон решавање на кризата помеѓу Русија и Украина, изјави Наумовски.
Трката за нов шеф во Белата куќа ја водат актуелната потпретседателка Камала Харис и поранешниот претседател Доналд Трамп. Според анкетите тие се целосно израмнети и се очекува една од најнеизвесните изборни резултати.
Матеја Петровски