Американските законодавци загрижени за зголеменото змериканска воено учество на Блискиот исток

Американските законодавци загрижени за зголеменото змериканска воено учество на Блискиот исток

Смртта на тројца американски војници во воената база во Јордан нема да остане без одговор, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин за новинарите и покрај стравувањата дека одговорот на САД може да ескалира во регионални тензии.

„Ова е опасен момент на Блискиот Исток. Ќе продолжиме да работиме за да избегнеме поширок конфликт во регионот. Но, ќе ги преземеме сите неопходни активности за да ги одбраниме САД, нашиот интерес и нашиот народ. Ќе одговориме кога ние сакаме, каде сакаме и како сакаме, рече американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин.

Милитантите поддржани од Иран извршија 166 напади врз американските сили во Ирак, Сирија и Јордан од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Иран ја отфрли одговорноста за нападот во кој загинаа тројца американски војници, но рече дека ќе возврати доколку е потребно.

„Знаете дека ниедна закана не ја оставаме без одговор. И, се додека не бараме војна, не се плашиме од војна и не бегаме од неа“, рече Генерал Хосеин Салами, командант на Иранската револуционерна гарда.

Во Конгресот, некои демократски сенатори се загрижени дека одговорот на САД би можел брзо да ескалира во воен конфликт пред законодавците да имаат можност да одобрат војна.

„Ова е ескалирачка војна на Блискиот Исток. САД сè повеќе и повеќе се вовлекуваат во тоа. Нема овластување од Конгресот за учество на САД во војната на Блискиот Исток, така што веројатно сега е време Конгресот да ја започне таа дискусија“, вели демократот Тим Кејн.

Но, законодавците, исто така, ја препознаваат потребата за силен одговор на САД.

„Секој што ги напаѓа војниците и им нанесува штета на Американците, ќе направиме навистина сè што е можно да ги одбраниме нашите граѓани и особено нашите војници и ќе им дадеме до знаење дека тоа нема да се толерира, а тие ќе платат висока цена за тоа“, вели демократот Џо Манчин.

Претходно оваа недела, првиот човек на Сенатот, републиканецот Мич Меконел рече дека политиката на администрацијата на Бајден ја зголемила заканата од Иран.

„Три години расте заканата од терор поддржан од Иран против американскиот персонал и интересите на Блискиот Исток. Иран е охрабрен и верува дека може да ги користи своите помошници за да ја нападне Америка. Администрацијата на Бајден само ја забрза оваа ерозија. Нивното јавно кревање раце и страв од ескалација испраќа погрешна порака до Техеран“, вели републиканецот Мич Меконел, лидер на малцинствата во Сенатот.

И други републикански законодавците велат дека секој одговор треба внимателно да се разгледува.

„Би сакал да знам дека претседателот има план, не само како да го запре ова, туку и да го стави Иран во позиција што никогаш повеќе нема да го направи тоа“, вели републиканецот Рик Скот.

САД одговорија на претходните напади врз припадниците на американската војска со акции, вклучително и нападот во октомври врз складиште за оружје во Сирија што го користат милициите поддржани од Иран.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста