Американските Федерални резерви ја намалија референтната камата на речиси нула

Федералните резерви на САД вчера ја намалија својата референтна каматна стапка на нула и почнаа масивна програма за квантитативно ублажување во износ од 700 милијарди американски долари за заштита на економијата од ефектите на пандемијата на новиот коронавирус.

Новата клучна каматна стапка, која служи како репер за краткорочно кредитирање на финансиски институции и дополнително влијае на цената на задолжувањето на банкарските клиенти, од сега ќе се движи од нула до 0,25 проценти, за разлика од претходното ниво од 1,0 до 1,25 проценти, пренесува Си Ен Би Си.

Во соопштението на ФЕД се вели дека „појавата на коронавирус му наштетила на општеството и ја нарушила економската активност во многу земји, вклучително и во САД”.

Поради силните турбуленции на финансиските пазари, ФЕД, исто така, ги намали каматните стапки за итните позајмици за ликвидност на банките за 125 базни поени на 0,25 проценти и ја продолжи рочноста на тие заеми на 90 дена. Покрај тоа, Централната банка на САД ја намали задолжителната резерва за илјадници банки на нула.

И покрај ваквиот агресивен потег, првичниот одговор на пазарот на капитал на мерките на ФЕД беше негативен. Индексот Дау Џонс на пазарот на фјучерси навести пад од околу 1.000 поени на денешното отворање на тргување на Вол Стрит.

ФЕД, исто така, објави дека во глобална координирана акција централните банки на Канада, Велика Британија, Јапонија, Швајцарија, САД и Европската централна банка презеле активности за подобрување на ликвидноста на доларот низ целиот свет преку постојните своп аранжмани за долари, нудејќи евтино финансирање во американска валута.

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, на синоќешната прес-конференција изјави дека централната банка ќе биде трпелива пред да донесе одлука повторно да ја зголеми каматната стапка.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста