Американски разузнавачи: пандемијата ги разгорува конфликтите на глобално ниво
Американските разузнавачки служби упатија предупредувачки пораки во своите годишни презентации пред Конгресот – на глобално ниво проблемите предизвикани од пандемијата ќе стануваат се поголеми во следните неколку години.
Светската економска и здравствена криза предизвикана од корона вирусот ќе ги продлабочи конфликтите низ светот, предупредија шефовите на американските разузнавачки служби. Се очекува зголемување на јазот меѓу богатите и сиромашните и разгорување на меѓудржавните несогласувања.
Се соочуваме со низа долгорочни и со закани во зародиш, нивното вкрстување го зголемува потенцијалот за каскадна криза. Се поповрзаниот и помобилен свет нуди огромни можности, но истовремено ги зголемува предизвиците-рече Аврил Хејнз, директорка на Националното разузнавање.
Соединетите Држави се соочуваат со закани од Кина, Русија, Северна Кореја и Иран, се наведува во годишните проценки на 18-те разузнавачки агенции.
Процените за заканите наведуваа детали за многуте предизвици со кои се соочуваме, но сакам да адресирам неколку прашања – кибернетската безбедност, безбедност на изборите, растот на домашниот насилен екстремизам и очигледно растот на Кина, особено на Кинеската комунистичка партија-рече Марк Варнер, сенатор.
Кинеската медицинска дипломатија е само последен пример на директно конкурирање со Соединетите Држави за глобално влијание.
Кина станува се поголем конкурент, ги предизвикува САД во повеќе полиња додека работи на менување на глобалните норми во полза на авторитарниот кинески систем-рече Аврил Хејнз, директорка на Националното разузнавање.
Голем дел од презентациите беа посветени на технолошката сигурност – минатогодишниот кибернетски напад Солар Виндс, за кој се осомничени руски хакери, покажува дека сајбер безбедноста мора да се сфати посериозно, сметаат законодавците.
Хакирањето Солар Виндс покажува колку лесно може да биде компромитирана американската инфраструктура. Не е тешко да замислиме колкава штета може да биде направена доколку нашите противници се одлучни да извршат напад кој би бил повеќе од шпионажа, на нешта како електричната мрежа или водоснабдувањето-рече Марко Рубио, сенатор.
Русија беше посочена и за вмешување во минатогодишните претседателски избори.
Русија презема софистицирана кампања за дезинформирање во 2020-та да го поткопа актуелниот претседател и да ја засили кандидатурата на поранешниот. Мора да биде јасно дека оние кои го направија ова непријателско мешање ќе платат за тоа-рече Марк Варнер, сенатор.
Во однос на заканите кои доаѓаат од американско тло, разузнавачите предупредија на домашен насилен екстремизам кој е поттикнуван и засилуван пред се преку социјалните мрежи.
Годишната презентација „Глобални закани“ се одржа по пауза од една година. Лани поранешниот претседател Доналд Трамп не ги испрати шефовите на разузнавачките служби да го брифираат Конгресот за нивните сознанија.
За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.