Американски експерти: Санкциите за Русија ќе ја вратат економски земјата во советскиот век

Како што во Русија почнаа да стапуваат на сила санкциите по инвазијата на Украина, некои експерти велат дека рускиот претседател Владимир Путин можеби бил изненаден од нивната сериозност, вели Даниел Фрид од Атлантскиот совет.

„Мислам дека Путин беше изненаден. Руската рубља падна. Руската одмазда објавена во понеделникот сугерира дека руската економија се движи кон  неконвертибилна рубља. Секој на моја возраст или дури и помлад знае што значи тоа. Тоа значи црн пазар во Русија. Тоа значи дека ќе има црн пазар за долари и црн пазар за работи што се купуваат за долари“, вели тој.

Економистот Јуриј Гордниченко од Универзитетот Беркли во Калифорнија, се согласува дека санкциите може да ја вратат Русија назад во економијата од советската ера.

„Русите треба да се сетат на она што се случуваше во раните 90-ти кога инфлацијата беше огромна, кога имаше голем пад на економскиот раст. Дали ќе сакаат да земаат плата во автомобилски гуми или нафта. Сите овие сценарија се можни“, вели тој.

Западот, веруваат експертите, не ги исцрпи опциите за санкции. Има уште една сфера што може силно да го погодат енергетскиот сектор, но ваквите санкции ќе му наштетат на светот, не само на Русија.

„Проблемот е додека не се развијат доволно алтернативни извори на енергија, ќе биде тешко да се направи тоа. Не ми се допаѓа ова да го кажам, но ако престанеме да купуваме руска нафта и гас, тие многу брзо ќе најдат други пазари за тоа, особено за нафтата, но цената ќе се зголеми и можно е Путин да оствари неочекуван профит“, вели Даниел Фрид.

Следната рунда санкции може да вклучи уште построги ограничувања наметнати на руските компании и построги ограничувања на извозот на енергија, сметаат експертите.

Она што е исто така јасно е дека Русија можеби добива на сила во Украина, но ја губи информациската војна околу инвазијата.

Протестите околу инвазијата на Русија јасно покажуваат дека граѓаните се против одлуката на Русија да ја нападне Украина. Но, она што би можело да биде поизразено е дека некои од најбогатите граѓани на земјата, како што се олигархот Михаил Фридман и индустријалецот Олег Дерипаска, исто така рекоа дека се противат на постапките на Русија.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста