Амди Бајрам погребан без корона протоколи

На гробиштата во скопски Бутел денеска беше погребан Амди Бајрам. Тој почина вчера на 64- годишна возраст, поради, како што беше соопштено, кардиоваскуларни проблеми. Но, синоќа, од министерството за здравство информираа, дека на Бајрам, посмртно му бил извршен корона тест, кој покажал позитивен резултат.. Следеше и апел на здравствените власти, погребот на Амди Бајрам, да се изврши според протоколите за починат од ковид, односно, на закопот да присуствуваат само најблиските. Сепак,  неколку стотици автомобили го испратија Амди Бајрам до вечниот дом. Пред семејната куќа во Бутел голем број на граѓани се собраа да му оддадат почит и покрај апелите и препораките на здравствените власти. Имаше и полиција, но само за да го контролира редот во сообраќајот.  

Во меѓувреме, се отвори дилемата – дали Амди Бајрам имал корона? Габриел, синот на Амди Бајрам,  за дел од медиумите денеска изјави,   дека неговиот татко починал од мозочен удар , и затоа веднаш им било предадено телото. Дополнително, тој тврди, и дека два дена пред да почине, на Бајрам му било изврешено ковид – тестирање, кое покажало дека тој во себе го нема вирусот.

Здравствените власти, засега не излегоа со соопштение, со кое би го демантирале својот став, дека Амди Бајрам имал корона.. Ако е така, прашањето е – Зошто институциите не најдоа начин, или барем да се обидат, да ги спроведат мерките кои самите ги воведоа, односно, да се избегнат сите погребни ритуали, а закопот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од понатамошно ширење на инфекцијата од ковид-19. Секако, водејќи сметка за чувствата на најблиските на починатиот Бајрам.

Се обративме до министерството за здравство. Но оттаму, до сега не добивме одговор, дали на сила сеуште е нивниот синоќешен апел, погребот на Бајрам да се изврши во кругот на најблиските, или овојпат одлучиле да направат исклучок. Што повторно не носи кон прашањето – зошто здравствените власти носат мерки, кои не можат или не сакаат да ги спроведат.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста