Алтеранатива утре ќе донесе конечна одлука дали ќе биде дел од владината коалиција СДСМ-ДУИ

На нова средба до крајот на викендот премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши ќе ги финишираат преговорите за евентуален влез на партијата во влада. Наместо денеска, Централниот совет на Алтернатива, утре, во Тетово, треба да ја донесе конечна одлука.

-Заради ситуацијата со донесувањето на жртвите од Бугарија состанокот се презакажува за утре во 18 часот во Тетово, се вели пораката која Алфа ја доби од портпаролот на Алтернатива.

Додека се чека партиската одлука на Алтернатива , првиот човек на партијата Гаши на средби со албанските челници веќе разговара за интегративниот пат на Македонија. На средбата со премиерот Рама Гаши потенцирал дека доколку отворањето на преговорите за Албанија само малку зависи од одлуката на Алтернатива да се приклучи на актуелната влада на Македонија, тие се подготвени, бидејќи тоа било најмалку што можеле да направат за Албанија.

По трите одржани средби ниту Заев ниту Гаши не откриваат што е ставено на преговарачката маса, но категорично велат дека имало напредок во разговорите.

Веќе е познато дека Гаши бара едно од четирите вицепремиерски позиции, фотељата во здравство, труд и социјала , земјоделие и неколку заменички места во неколку ресори. За возврат Заев се надева дека четворицата пратеници на Алтернатива ќе му обезбедат комотно парламентарно мнозинство.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста