Алијанса на албанците застана позади независната кандидатура на Данела Арсовска
Алијанса на албанците застана позади независната кандидатура за градоначалник на Скопје на актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска. Првиот човек на партијата Зијадин Села информираше дека како коалиција Алијанса на албанците и Алтернатива имаат взаемна поддршка со опозициската ВМРО ДПМНЕ за промена во Град Скопје.
Нормално е опозицијата да има соработка во различни нивоа и ние имаме договор за соработка и взаемна поддршка. Тие во општини во кои невозможно е да победат и ние исто така ќе ги поддржиме нив во општини во кои невозможно е ние да победиме. Тоа е нашиот договор и ние стоиме позади овој договор. Што се однесува за Град Скопје, таму има објавено една независна кандидатура и ние ќе стоиме позади за да ја донесеме промената и да го добиеме и Град Скопје и со ова ние се однесуваме во согласност со опозицијата, истакна Села.
Села ги повика сите македонски граѓани да се обединат и на претстојните избори актуелната власт да ја пратат во опозиција така што на тој начин корумпираните лица во власта да ги пратат пред лицето на правдата.
ВМРО ДПМНЕ и СДСМ ги објавија сите кандидати за градоначалници. Во трката за Куманово ВМРО ДПМНЕ најавуваат промена на власта со актерот Тони Михајловски а негов против кандидат ќе биде Оливер Илиевски. Актуелниот градоначалник Максим Димитриевски оди како независен. Актуелните пратеници Иван Јорданов и Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ ќе се борат за градоначалнички позиции во Штип и Охрид, а ривали од СДСМ ќе им бидат Сашко Николов и Костадин Георгиевски. Во Битола ВМРО ДПМНЕ го номинира Тони Коњановски, а избраник на СДСМ е Христо Кондовски. За Струмица кандидат е Жан Дрвошанов кој ќе се трка со портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Од Скопските општини Муцунски ќе ја бара довербата на аеродромци и ќе му биде ривал на собранискиот колега Александар Филиповски од СДСМ. Докторот Оливер Зафировски е изборот од опозициската партија за карпошани. За ривали во Карпош Зафировски ќе ги има Душко Весковски од СДСМ, претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски.
Рокот за партиите да кандидираат своите фаворити за изборите на 17 октомври истекува вечерва на полноќ. На овие избори се забележува и рекордно учество на независни кандидати како за градоначалници така и за советници. Триесет независни за градоначалници и 60 за советници. Согласно роковникот, предизборната кампања стартува на 26 септември и ќе трае до 15-ти октомври.
Адријана Алексиеска