Алијанса и Алтернатива во Влада со ДУИ само доколку Зибери е премиер- ќе прифати ли Заев?

Притисокот Заев да прифати Албанец премиер станува се поголем. Алијансата за Албанците и Алтернатива го ставија како услов Зибери да биде шеф на Илинденска за да бидат во Влада со ДУИ. Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, вели дека ќе почекаат дали ќе биде исполнето ветувањето на Ахмети, па потоа би влегувале во евентуални преговори за состав на Влада.

-Ние нема да влеземе во преговори се додека ДУИ не го исполни предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Дури како што сме кажале, ако во Собранието на Република Македонија дојде предлог, ние со нашите 12 пратеници ќе гласаме за истиот, изјави Реџепи Зејд.

Според моменталните бројки во Собранието, како и ставот на Левица дека нема шанси да поддржат Влада во која би биле социјалдемократите, го прават ДУИ единствениот партнер кој може на Заев да му донесе 61 пратеник.

Ваквата ситуација по се изгледа ја засилува позицијата на Ахмети во преговорите со СДСМ. Шефот на ДУИ веќе најави дека доколку Заев не сака Албанец премиер, за такво нешто ќе мора да даде силни аргументи.

-Работите не се во лош правец, сум изјавил претходно ќе изјавам пак, работите се толку блиску колку што се и далеку истовремено. Очекувам да ги слушнам аргументите на страната со која што преговараме. Јас повторно не можам да предвидам кои ќе бидат нивните аргументи, изјави Ахмети.

Заев пак не одговара дали би прифатил Албанец премиер.

-(Во јавноста има шпекулации дека ДУИ бараат премиер Албанец во првата година од Владата. Дали сте спремни да прифатите вакво барање?) Јас реков за деталите од преговорите не би коментирал, за да дадам шанса да успее преговарачкиот процес. Не би сакал да дадам денеска коментар директно за ваквото прашање, изјави Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Заев повторно се обидува народски кажано да купува пратеници од нивните редови.

-Тројца наши пратеници пријавија такви добро намерници кои што се во некаква релација со тие луѓе кумска, пријателска кои што во името на СДСМ и Зоран Заев нудат привилегии, вакви или онакви, само за да се даде поддршката на владата на СДСМ и Зоран Заев. Претпоставувам дека такви притисоци има и во другите пратенички групи, нормално луѓето со згрозување гледаат на ваквото пристапување и на ваквиот начин на обезбедување политичка поддршка, изјави Мицкоски.

Останува да се види дали Заев би попуштил пред големите барања на Ахмети. Неофицијално, покрај премиерското место во првата година, ДУИ бара и други атрактивни ресори, како што е министер за внатрешни работи, за финансии, директорско место во УЈП, но и гувернерската позиција во Народната банка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста