Алфа во Клиника за онкологија: Пациенти со часови чекаат за терапија, директорот бара разбирање

Метеж, нетрпеливост, долго чекање, преморен медицински персонал, исполнети болнички капацитети – ваква е сликата на Клиниката за онкологија по чии ходници секој ден поминуваат до 200 пациенти. Луѓе болни од карцином и по неколку часа чекаат да ја добијат соодветната терапија. Алфа телевизија ги посети пациентите кои од различни краеви на Македонија доаѓаат на хемотерапија, зрачење, или само да земат таблети. Ретко кој сакаше да зборува пред камера за условите на Клиниката. Но велат метежот е голем, особено во чекалните каде дошле во раните утрински часови.

Проблемот настанува уште низ шалтерските лавиринти, каде треба да добијат потпис на терапијата и да се упатат во дневниот престој за истата да ја примат-што понекогаш им одзема по три или четири часа.

Го контактиравме првиот човек на Онкологија. Признава дека се чувствува притисокот, но тоа било секојдневие – многу пациенти, а малку капацитет и медицински кадар. Бара трпеливост од пациентите.

Ниту еден пациент не останал без терапија. Точно е дека во текот на денот имаме 150 до 200 пациенти, а притисокот врз медицинскиот кадар е зголемен и поради пандемијата бидејќи дел од вработените се заразиле од корона вирус или се во изолација. Бараме трпеливост од пациентите и разбирање бидејќи согласно капацитетите на болницата, медицинскиот кадар дава се од себе за доброто на пациентите – вели директорот на Клиниката за онкологија д-р Нино Васев.

Уште на почетокот на пандемијата, надлежните од клиниката за онкологија и радиотерапија ги информираа пациентите дека болницата ќе функционира непречено со посебни протоколи за заштита од Ковид 19 бидејќи специфичноста на малигните заболувања ни под разно не дозволува стопирање на работата. Сепак, тешко е да се почитуваат тие протоколи бидејќи во чекалните секој ден циркулираат стотици пациенти, но и нивни придружници.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста