Алфа во хумана мисија: Лена од Словенија го бара биолошкото семејство во Македонија

Родена во Скопје на 30 март 1998 година. Македонката со словенечки документи, Лена Јакопич по 20 години повторно се враќа во родната земја со надеж да го најде биолошкото семејство. Пред камерата на Алфа раскажува за нејзината судбина – првата година од животот ја минала во Домот за доенчиња во Битола, а од таму со семејството што ја посвоило заминала во Словенија.

„Кога бев мала, мајка ми преку сликовниците ми раскажуваше дека јас сум тоа бебе и што ми се случило. Полека, за да не ми биде шок. Моите не биолошки родители се супер. Ми рекоа дека ќе ми бидат поддршка доколку сакам да ги запознаам вистинските родители“, вели Лена.

Лена со години трагала по биолошките мајка и татко. Тропнала и на вратата од Домот во Битола – таму и рекле дека податоците за нејзиното раѓање се тајна која не смеат да и ја откријат. Побарала одговор и од надлежните институции од каде добила само штуро образложение дека откривањето на идентитетот на родителите кои се откажале од детето е забрането со Закон.

„Тешко е, чувствувам дека еден дел од мене недостига. Кога славам роденден се прашувам каде е мајка ми, дали можеби мисли на мене, дали сака да ме запознае?“, раскажуваа таа.

Среќна е и задоволна од животот во Словенија и од љубовта која и ја даваат родителите. Одморот го ужива во земјава со надеж дека нејзината приказна преку малите екрани ќе допре до срцето на вистинската мајка.

„Кога моите родители од Словенија дошле во Домот во Битола им кажале дека мајка ми била добар генетски материјал. Не знам што тоа значи, но размислувам дека можеби била многу млада, можеби имала 15 или 16 години. Можеби била во лоша финансиска ситуација. Никогаш не би ја осудувала, јас само сакам да ја запознаам“, вели Лена.

Инаку, посвојувањето на деца во земјава е уредено со Закон за семејство, а членот 123 од овој Закон вели дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. Доверливите документи од посвојувањата се чуваат во архивата на Домот за доенчиња и мали деца во Битола, но и во Центрите за социјални работи.

Биљана Божиновска