Алфа во Дебар: Како живее градот по карантинот поради пандемијата

Дебар, градот кој сееше страв меѓу населението се отвори. До пред само два дена градот беше отсечен од Македонија 30 дена, оти беше изолиран како првото жариште на Ковид 19. Сега жителите можат да здивнат.

Атмосферата беше нормална. Раздвижени улици, луѓе пазаруваа, се чистеше и старата дебарска чаршија.

Животот во Дебар полека почнува да се враќа во нормала, чаршијата почнува да живее, но се уште се чувствува страв меѓу граѓаните поради епидемијата од Коронавирусот.

Дебрани се уште чувствуваат немир за недај Боже да не се повтори лошата слика. Пред камерата на Алфа велат дека сега како да излегле од кафез, полесно дишат, но мерките на претпазливост, велат ќе ги почитуваат цело време.

– Добро е, фала му на Бога за сега е добро. Живееме нормално. Мерките за заштита ги почитуваме, и веруваме дека наскоро се ќе биде како што треба, сигурно ќе биде, велат жителите на Дебар пред камерата на Алфа.

Нашата екипа беше и во Општината. Градоначалникот Хекуран Дука кој даде инетрвју за Алфа, е оптимист дека ќе биде подобро, но сепак пустошот кој го прави пандемијата, во градот направи сериозни последици посебно во економијата.

– Безбедносната состојба на подрачјето на општина Дебар е добра. Деновиве не се забележани никакви проблеми во однос на владините мерки. Им благодарам на граѓаните за нивното совесно однесување зашто само со строго почитување на мерките и препораките побрзо ќе ја надминеме оваа состојба, рече за Алфа градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Првиот човек на Општината е свесен дека кубурат со медицински кадар, но благодарение на лекарите од Скопје кои дотрчале на помош, болницата работела малку подобро.

Од она што го регистрираше нашата камера, јасно се гледа дека полека се враќа и срцето на чаршијата. Дуќанџиите ги дезинфицираат продавниците. Се пожалија дека работата сериозно им опаднала, но со надеж дека час поскоро се ќе се врати во нормала.

– Со тоа што бевме цело време затворени многу се одразува на нашето работење, луѓе нема, немаме пари, но веруваме дека ќе биде подобро, вела дуќанџии за Алфа кои ги средуваа продавниците.

Си заминуваме од Дебар. По пат ги немаше пунктовите кои до пред некој ден го чуваа градот затворен. Токму овде, на местото кај Бошков Мост, до пред само некој ден имаше полициски кордон, но и војска која го контролираше секој влез и излез од Дебар.

Од сега за Дебар и за Центар Жупа на сила се само мерките кои важат за територијата на цела држава.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста