Алфа телевизија во „Шутка“: Со ракавици, но без маски денеска гласаат затворениците и притворените

Со маска на лицето, но без ракавици на рацете, денеска во истражниот затвор Скопје своето право на глас го користат осудените и притворените. Покрај нив гласаат и сите затвореници во другите затвори во Македонија. Екипата на Алфа беше во Шутка, каде право на глас имаат 136 осудени и притворени. Како што велат од избирачкиот одбор гласањето се одвива во најдобар ред.

-Се е во најдобар ред, се си е со заштита, си имаме дезинфекциски средства. Сите затвореници си доаѓаат со маска. Не носат ракавици само маска, кога треба да ги идентификуваме ја тргаат маската, изјави Ирина Шиковска Здравевска, потпретседател на избирачки одбор.

Иако просторијата во која се гласа е релативно мала, се почитуваат сите препораки за заштита од Ковид 19, се носат маски и ракавици, се одржува растојание колку е возможно.

-(ПРАШАЊЕ: Со оглед на тоа што е мала просторијава, дали е запазуваат сите мерки на претпазливост?) Апсолутно, само по еден влегува, додека не заврши тој отворени се прозорите, проветруваме после секого, така се е во најдобар ред, изјави Ирина Шиковска Здравевска, потпретседател на избирачки одбор..

Поради заштита на идентитетот, медиумите немаат можност директно да снимат како изгледа гласањето на осудените и притворените, па новинарите и снимателите решија сами да симулираат.

 

Не сите кои се пријавиле за гласање имаа право да гласаат денеска во Шутка.

-Пријавени биле 159, од кои само 136 денеска имаат право на глас на лице место тука во затворот, изјави Ирина Шиковска Здравевска, потпретседател на избирачки одбор.

Најмногу затвореници со право на глас има во најголемиот затвор во Македонија, Идризово, каде денеска можат да гласаат 857 луѓе. Покрај осудените и оние кои се во затворски притвор, денеска гласаа и оние кои мерката притвор за издржуваат во своите домови.

Во текот на вториот ден од предвремените парламентарни избори кои што се одржуваат во ек на пандемија од Ковид 19, денеска гласаа затворениците и лицата во домашен и куќен притвор. Вкупно право на глас имаат 1.657 затвореници и притвореници.

Своето право на глас денеска ќе можат да го остварат и 8.855 болни и немоќни лица, чии што пријави биле прифатени од ДИК.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста