Алфа телевизија во полициска станица- што пријавуваа синоќа граѓаните?!

Незначителен број граѓани го искористиле бесплатниот телефонски број со кој МВР сакаше да лови прекршувања на ковид протоколите. Само 22 пријави стигнале до полицијата од 19:30 синоќа, до 11 часот денеска, а 8 од нив неосновани. Екипата на Алфа синоќа беше со полициските службеници кои ги примаа пријавите, а истите најчесто беа за куќни забави.

-Ајде уште една пријава населба Црниче. Да, да журка и за Драчево повратна чекаме, ајде ајде.

-Да, да повелете куќен број 9 да се направи проверка.

-Дали имаме адреса… Кое место?.. Нешто попрецизно, куќа нешто, дали е изнајмена.

Од 28 декември кога беше отворена линијата, вкупно имало само 62 пријави, а дел од нив и лажни.

-Добро вечер, добро. Значи лажна пријава се работи. Во ред ви благодарам.

Првиот човек на полицијата Оливер Спасовски, соопшти дека оваа новогодишна ноќ во која не работеше ниту еден локал, била релативно мирна. Имало 16 кривични дела- пет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, констатирани во угостителски објекти, три тешки кражби, две неовластено производство и продажба на дрога, и по едно дело кражба и тешка телесна повреда, насилство, напад на службено лице, телесна повреда при семејно насилство и загрозување на безбедноста во сообраќајот.

-Имајќи ги предвид одлуките и препораките на Владата, ограничувањата и групирањата на луѓе во приватни објекти, како и насоките за контрола на приватните објекти, во текот на новогодишната ноќ добиени се 9 пријави и се работи на целосно расчистување и документирање на случаите, изјави Спасовски.

Во текот на ноќта евидентирани се само 13 прекршоци. Четири за омаловажување на службено лице, два за физички напад и по еден за карање, викање и непристојно дрско однесување, како и за употреба на пиротехнички средства и тепачка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста