Алфа сторија: Се вратил во родното место да најде спокој, но наместо тоа извршители му стојат на врат

„Пред пет  години се вратив од Словенија. Не сакав семејното огниште да остане пусто, а по дедовите ниви да расте троскот„- вака ја започнува својата приказна  Стојче Ташовски од село Облешево. Со две дипломи во рака едната словенска , а другата македонска единствен извор за егзистенција му се 4хектари оризови полиња. Ниту сопругата-магистар по фармација не е вработена. Но наместо спокој како што замислувал, сега животот му се претворил во вистинска агонија. Неплатени сметки, извршители и 20тони непродадена оризова арпа.

  „ Да, имам и извршители коишто ќе мора да ги подмирам и покрај високата цена на воден надоместок , јас ќе мора да платам висока цена и на извршители . Прашање е дали оризот ќе покрие за една година . Ние секој ден пропаѓаме во очај и долгови„-вели Стојче Ташовски

Иако има само 27години , поради непродадениот ориз, за да врзат крај со крај   младото семејство Ташовски се откажало  од многу работи. Штедат буквално на се. На струја, облека, храна, а патувањата и кафеаните одамна ги имат заборавено.

  „ Живееме буквално во сиромаштија. Не се срамам да кажам. Не само јас, целиот народ. Источна Македонија е запустена. Не можете да видите насмеан , човек кој ќе каже- Еве оризот е добар. Наместо држават да ни помогне, да најде излез од ситуацијата , таа се заниммава со ЕУ, со марихуаната„ – вели Стојче Ташовски

Најтешко му е сега пред празниците. Не знае дали  родителите кои  живеат во Словенија ќе го посетат, но уште потешко му е  поради тоа што не може да купи подарок за својот двегодишен син.

   „Празниците ќе ги поминеме затворени. Во најтесниот круг на семејството. Со родителите , доколку дојдат… на еден традиционален начин как ошто поминувале и нашите претци пред сто години , со посна, сиромашна трпеза. За жал, некој политичари имаат пари за кафани, а ние земјоделците сме оставени на работ на општеството„- вели Стојче Ташовски

Во амбарот на соседите, Ташовски чува 20тони оризова арпа. Ако ја продаде по моменталната цена ќе заработи од 3000-4000евра, но ако откупната цена би се движела како тие што бараат од 25 до 30 , ќе спечали дупло. Доволно за да си ги плати давачките кон државата  и да му остане нешто. Иако секој ден се бори со животот , за сега не планира да се врати во Словенија. Кај него постои надеж дека еден ден македонскиот земјоделец ќе го добие вистинското место во општеството…

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста