Алфа репортажа во Михајлово: Во какви услови се сместени Македонците во карантин

На над 1760 метри надморска височина, покриено со снежна покривка, на 40 километри од Кавадарци, се наоѓа Детското одморалиште „Михајлово“ каде група од 40 луѓе, кои во понеделникот се вратиле од други земји, го поминува својот четврт ден во карантин. По објавата на едно видео на социјалните мрежи за наводно лошите услови во прифатилиштето, денеска Алфа влезе во објектот. Дел од сместените во карантин, со дозвола од Управата и на оние кои го чуваат објектот, отворено зборуваа пред нашата камера.

-Да бидам искрен, условите се реално добри, ако ја согледаме оваа ситуација. Мора да размислуваме рационално и мора да прифатиме дека условите се солидни. Имаме тушеви, имаме бањи, имаме доволно храна. Првиот ден кога дојдовме навистина имавме проблеми со парното, но веднаш другиот ден веќе беше решен и сега има и доволно топлина, така што за една ваква ситуација, за еден хаос каков што е во државава, условите навистина се издржливи, да речеме. Персоналот се однесува коректно со нас и се надеваме дека ќе издржиме во овие 14 дена, без никаков понатамошен проблем, вели македонскиот пејач Спасен Силјаноски кој во моментот е изолиран.
-Условите, сега за сега, се добри. Имаме се што ни треба, топло е, донесоа и радијатори плус. Има топла вода, радијаторите работат, а трипати ни носат топол оброк, ни рече следниот наш соговорник.
-Условите тука во Михајлово се супер. Секоја соба има два кревета, во соба сме по двајца или по еден, има греење, има телевизор, шкафови, а и бања во секоја соба. Јадење ни даваат трипати дневно. Исто, и во текот на денот, ако ни затреба нешто, можеме слободно да се обратиме кај надлежните и тие ни одговараат на прашањата, вели нашиот трет соговорник.

Управителот на објектот, вели луѓето ги имаат сите услови кои биле законски предвидени за вакви околности, иако и тој не негира дека првиот ден имале извесни проблеми.
-За два-три часа стигна групата. Нормално, веднаш го запаливме парното за да се стопли по собите, но нормално, требаше времеза да се загрее.Јас ги разбирам луѓето, тие се фрустрирани, чекале и по пет дена по аеродроми. Ние ги обезбедивме тие услови, обезбедивме хигиески средства, сапун, шампони, крпи, ни изјави Љупчо Глигоров – управител на ДО „Михајлово“.

Тој појаснува дека и покрај коректното однесување на персоналот, кој во овие денови воопшто и не си оди дома, сепак, некои од сместените, тешко ја поднесувале изолацијата, па биле евидентирани и одредени оштетувања на инвентарот. Тврди дека лицето сместено тука кое снимило дел од просториите, па видеото го сподели на социјалните мрежи, всушност ја искршило заклучената врата од својата соба и снимило други, помошни простории.
-Кога ги примивме овде, имаше некои девијантни појави. Се вршеше и оштетување на нашиот инвентар, односно лицето кое ги пуштило тие снимки, го прекршило карантинот, некако успеало да се ослободи и да излезе надвор од собата во часовите кога ете, баш немало никој и снимало. Снимани се технички простории каде никој од гостите таму не би требало да има пристап, ни рече Глигоров.
Глигоров додава и дека сместените во Михајлово, покрај храна и соби добиваат и редовна медицинска контрола, а објектот е под постојан полициски надзор.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста