Алфа репортажа од Куманово- како изгледаше првиот ден од полицискиот час кој ќе трае цел викенд?

Полициски возила на влезот на градот, празни паркови, клупи и улици, на нив само по некое возило на брзата помош и полицијата. Вака е денеска во Куманово, а ќе биде и во текот на целиот викенд. Секогаш живиот и раздвижен град, сега стана целосно изолиран вистински карантин. Откако беше донесена одлука полицискиот час да трае во текот целиот викенд, кумановци се затворија во своите домови, луѓето кои беа надвор со дозвола, можеа да се избројат на рака.

Типичната кумановска галама и раздвиженост, за жал поради полицискиот час кој започна синоќа од 21 часот, а ќе трае до 5 часот наутро во понеделник е заменета со потполна тишина, крајно нетипична за овој град.

Камерата на Алфа забележа само еден случај, каде што полицијата мораше да интервенира.

Според она што го забележа камерата на Алфа телевизија, во Куманово се почитува полицискиот час. Се движат само оние кои имаат дозвола и оние кои мораат да одат на тестирање за коронавирусот. Низ градот нема преголема раздвиженост на полицијата, а полициски патроли има на влезовите на градот.

Денеска во Куманово беше нетипично мирно и тивко, но атмосферата не беше таква вчера. Можеби малку и нелогичната одлука драстичната промена на полициски, која Владата ја соопшти само неколку часа пред неговото стапување на сила, предизвика вистински хаос. Пред почетокот на забраната за движење маркетите беа преполни, а и гужвите пред истите беа големи. Пред камерата на Алфа, двајца кумановци кои денеска ги затекнавме на улица, со дозвола за движење, велат дека токму таквиот потег може да биде причина за уште поголемо ширење на вирусот на територијата на Куманово.

Поригорозен полициски час Куманово ќе има и во текот на работната недела. Од понеделник до петок движењето ќе биде забрането од 16 часот до 5 часот наутро.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста