Алфа репортажа од граничниот премин Блаце
По одлуката на Владата за задолжителен ПЦР тест на СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ при влез во земјава, денеска на македонско-косовската граница сликата беше многу поинаква од вообичаено.
Државјаните на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез во нашата земја треба да приложат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Тука се поставува прашањето, дали македонските државјани кои биле во посета на соседните земји претставуваат опасност од ширење на корона вирусот, со оглед на тоа дека нема потреба да приложат негативен ПЦР тест.
До 14 часот денеска, во Македонија влегле само тројца косовски државјани оти приложиле негативни ПЦР тестови, останатите патници биле вратени назад во својата земја. Како што велат надлежните на граничниот премин Блаце, причината поради која малку косовски државјани приложиле негативен тест е неинформираноста, оти одлуката беше донесена синоќа. Како што забележа камерата на Алфа, голем дел од патниците не носеа медицинска документација, па збунети, се враќаа во Косово.
За македонските државјани кои биле во соседството не е задолжителен негативен ПЦР тест, ПА БЕЗ ПРОБЛЕМ ЈА ПОМИНАА ГРАНИЦАТА.
Мерката која се однесува само за државјаните на овие четири земји, но не и за македонските кои во соседството и они со двојни државјанства е донесена по предлогот на Комисијата за заразни болести.
Адријана Алексиеска