Алфа на терен: Скопје синоќа не наликуваше на град во полициски час, денеска помирно

Скопје синоќа баш и не изгледаше како да е во полициски час. Го немаше оној познат метеж по скопските коловози, но сепак на улиците можеа да се забележат автомобили, чиј број и не беше баш мал. Низ градот имаше и поголем број на полициски патроли. Една од нив ја застана и нашата екипа додека правевме обиколка низ главниот град.

Минавме 10тина минути со една полициска патрола, застанати беа неколку автомобили, а сите граѓани имаа дозвола за движење.

Петок, 21 часот и 15 минути, веќе 5 часа и 15 минути како е започнат полицискиот час. За разлика од минатите вечери, во Скопје вечерва можевме да забележиме поголема раздвиженост по улиците, односно автомобилите возеа, додека пак во парковите каде што Алфа направи обиколка може да кажеме дека немаше ниту еден човек.

Саботно екипата на Алфа повторно беше на терен. Денеска пак далеку помирно од вчера, луѓе на улиците нема, можеше да се забележи само по некој автомобил, како и синоќа и денеска на повеќе места низ градот имаше полициски патроли.

Сабота, 13 часот и 32 минути Скопје е во вториот ден од полицискиот час кој е најдолг од независноста на Македонија, а ќе трае до 5 часот наутро во понеделник. За разлика од синоќа кога на улиците можеа да се забележат многу повеќе автомобили, денеска Скопје е многу помирно.

Македонија е влезена во најдолгиот полициски час досега. Граѓаните нема да смеат да ги напуштат своите домови до понеделник во пет часот наутро. Сепак храна, лекови и други најпотребни производи граѓаните можат да нарачаат и да ги добијат на врата.  Сите општини имаат објавено на кои броеви и од кој локали може да се нарача.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста