Алфа истражува: Кој го штити таткото на Боки 13?

Вознемирувачки видео и аудио снимки сведочат за насилството кое го доживеал свештеникот Виктор Стојчев во 2017тата година од страна на таткото на првоосомничениот во Рекет Боки 13, односно Миле Јовановски, но институциите и по речиси 2 ипол години под притисок или не, не го разрешија случајот кој се уште е заглавен во фиоките на јавното обвинителство.

По нападот свештеникот го пријавува настанот во полиција и оди во општата градска болница 8 септември каде му е укажана лекарска помош.

4 дена подоцна по совет на инспектори од крвни деликти кои го посетуваат свештеникот во неговиот дом, сопругата на Стојчев оди во болницата да подигне лекарско уверение во кое е констатирана скршеница на зглобот, односно тешка телесна повреда.

Но наместо докторот кој го извршил прегледот ноќта кога свештеникот бил нападнат, Стојчева ја пречекува сосема друг доктор кој не и дава лекарско уверение туку и вели дека истото ќе го добие откако ќе заврши лекувањето.

По реакција на семејството Стојчеви, наредниот ден истиот доктор изготвува лекарски извештај во кој е констатирана само телесна повреда, иако претходно во лекарското уверение се констатира дека станува збор за фрактура односно тешка телесна повреда.

Но по инсистирање на свештеникот се формира лекарски конзилиум кој му дава на Стојчев соодветен документ кој ја утврдува реална состојба на повредите на база на утврдени наоди.

Во меѓувреме јавноста веќе делумно е запознаена со настанот, но семејството Јованоски пренесуваат сосема различна приказна од онаа што се гледа на видео снимката. Тие велат дека се нападнати, а не напаѓачи.

Проблемите на свештеникот од болница се префрлаат во полициска станица Карпош каде што вработените во станицата првично се обиделе да им врачат пријава во која е наведено дека попот сам паднал и ја скршил ногата и покрај тоа што за инцидентот постои видео снимка.

За ова биле известени инспекторите што го воделе случајот кои интервенирале за свештеникот да ја добие коректна пријавата која тој ја барал.
Според информации со кои ги располага алфа, односно сведоштвата на свештеникот ,во полициската станица кон сопругата на Стојчев биле упатени закани дали биле свесни со кого си имале работа.

Иако претходно инспекторите кои го виделе случајот истакнале дека имаат доволни докази за да имаат основ да предложат до обвинителството да се побара мерка притвор за Миле Јовановски, сепак ни ним не им било јасно зошто тоа не се случува, тврди Стојчев.

Седум месеци подоцна основното обвинителство ја отфрла кривичната пријава од МВР против Миле Јовановски, каде во образложението обвинителката се повикува на наод од вештачење извршено од лекар хирург во кое скршеницата ја квалификува само како телесна повреда.

Шокиран од одлуката на обвинителството Стојчев поднесува жалба до ОЈО и на свој трошок прави ново вештачење , каде е јасно прецизирано дека свештеникот има тешка телесна повреда.

Обвинителството нарачува трето – супер вештачење од судска медицина во октомври 2017 година. Тука заглавува предметот и до денеска нема никаква информација што се случува и какви податоци има во ова вештачење кое е испратено до ОЈО уште во октомври 2018 година.

Во меѓувреме според кажувањата на свештеникот во повеќе наврати им пристигнувале закани да се откажат од случајот, како и дека ќе бидат избркани од државата.
Алфа побара одговори од обвинителството дали е точно дека вештачењето од судска медицина е испратено во октомври 2018 и што обвинителството превземало од тогаш до сега за овој случај, дали е известен оштетениот за резултатите од супер вештачењето и дали досега обивнителството одговорило на ургенциите кои се испратени од неговиот адвокат, како и низа на други прашања на кои одговор не добивме.

И по речиси 2 ипол години правдата која ја бара Стојчев не е задоволена туку само заглавена во обвинителските ходници каде евентуално се заштитува напаѓачот, кој го според видео снимките го физички се пресметува свештеникот пред очите на неговото семејство.

Meри Ѓорѓиевска