Алфа ексклузивно открива, во село Батинци зголемени полициски патроли, мештаните во страв

Полициски патроли, паркирани возила и полиција, ваква слика синоќа затекна екипата на Алфа на влезот од селото Батинци, на неколку километри од центарот на Скопје. Но полиција имаше и на излезот од Батинци и на уште неколку локации по Студеничани. За зачестеното присуство на поголем број полицајци кои некогаш биле облечени и во маскирни униформи, па дури и со полициски дифендери посведочеа и мештаните. Се плашеа да зборуваат пред камерата, не знаат зошто веќе подолго време полиција толку често буквално го опколува селото, а многу често се случувало навечер да ги проверуваат сите возила кои влегуваат и излегуваат во Батиници и да ги легитимираат лицата во возилата.

Алфа праша во МВР зошто има многу полиција во Батинци, од таму со краток одговор без да откриваат детали велат:

-Превземаме стандардни мерки во функцијата на безбедноста на граѓаните. Таму кај што ќе процениме дека е потребно поголемо присуството, тоа и се прави согласно проценките на полицијата, велат од МВР

Наспроти смирувачките тонови од полицијата, мештаните живеат во страв. Во недостаток на официјални информации, кружат многу шпекулации една од нив е дека во селото се крие бегалец, некои дури одат и со шпекулации дека е можно во селото да се крие некоја криминална група.

Други пак шпекулираат  дека во селото е внесена голема количина на дрога. Како што се говори по улиците на ова скоспко село, една од можностите е обид на полицијата да го спречи изнесувањето на дрогата од Батинци. Но сомнежите одат и дотаму дека можно е политиката да вмешала прсти, па некој некого штити што со денови полицајци само кружат околу селото, а досега нема никаква акција.

Третото сценарио кое кружи низ Батинци е дека се работи за пресметка меѓу две влијателни и бројни семејства од ова село, кај кои имало нерасчистена крвна одмазда. Шпекулациите велат дека таа се провлекувала со децении.

Меѓу многуте информации кои се појавија низ селото е и дека едно од лицата кое го бара полицијата, бил во затвор за убиство една западно европска земја, а во Батинци се вратил неодамна.

Матеја Петровски