Алфа дознава: пак се во прекин погоните на РЕК Осломеј, вработени тврдат нема мазут

Од синоќа погоните на РЕК Осломеј ставени на пауза. Вработени кои се јавија во редакцијата на Алфа тврдат дека вчера добиле известување од надлежните дека Електраната нема да работи, па оттука и да не се појавуваат на работните места на неопределено време. Причината велат била немањето на мазут. Вработените се гневни на одлуката за стопирање, велат дека немањето мазут не е доволна причина за исклучување на погоните, најголем проблем би било  немањето јаглен. Предупредуваат дека државата ќе се соочи со огромни трошоци при повторно реактивирање.

Испративме прашања до Електрани на Македонија дали ваквите тврдења се точни, но и дали ТЕЦ Неготино има капацитет да одговори на целата побарувачка. Засега ниту потврда ниту негирање не е стигнато до нашата редакција.

Иако надлежните на крајот на годината која измина уверуваа дека на државата нема да и се случи енергетска криза, сепак очигледно истата веќе ги носи првите последици.

Дополнително загрижува информациите од вработените кои не комуницираа тврдат дека веќе јавна тајна е оти се спрема список за отпуштање од работа на близу 400 работници од РЕК Осломеј, а дел и ставени на листа кои треба да заминат на принуден одмор од три месеци со 70 % од платата.

Неофицијално дознаваме дека членови на СДСМ и ДУИ кои се вработени во РЕК Осломеј веќе биле распределени на работа во РЕК Битола и земале двојни плати.

Засега работата во ТЕЦ Неготино се одвива непречено , наши извори велат дека таму во погон се уште е само еден котел, иако ветувањето на првиот човек на ЕЛЕМ е дека од јануари ќе биде вклучен уште еден, засега тоа не се реализира.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски преку соопштение на 28 декември најави дека во јануари ќе се вклучи и третиот блок во РЕК Битола. Според Ковачевски, со максимално ангажирање на сите производни капацитети, ќе се обезбеди снабдување за грејната сезона и ќе излеземе од енергетската криза без рестрикции, вложувајќи напори да се избегнат ситуациите кои веќе се случуваат во околните земји во однос на снабдувањето со електрична енергија.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста