Алфа дознава кој ќе го замени Заев: Премиерот има три алтернативи
Бојан Маричиќ, Сања Лукаревска или Љупчо Николовски ќе биде мандатар за состав на новата Влада, дознава Алфа од свои извори во СДСМ. Тројцата имаат поддршка од различни страни во партијата за добивање на титулата нов премиер. Вицепремиерот за борба против корупцијата, важи за фаворит од партиското крило на премиерот. Сања Лукаревска пак има поддршка од скопското крило, а Маричиќ е фаворит на партиските лица кои доаѓаат од невладиниот сектор.
Токму министерот за правда последниов период стана лице на партијата. Откако речиси исчезнаа од јавноста Филипче и Спасовски, како најблиски соработници на Заев, главен пред медиумите стана Маричиќ.
Сепак, кај него проблематично е што во неговиот сектор, резултатите баш и не се најдобри. Македонија има катастрофални бројки во правосудството, обвинувања за политички затвореници, а ги има и случаите Рашковски и Кичеец. Посебно тие кренаа голема прашина во јавноста последниов период, но според Маричиќ не влијаеле на довербата на граѓаните во правосудството.
-Секој кој што е лишен од слобода во затвор или во притвор има одредени права и одредени обврски. Тие права ги разгледуваат и за нив одлучуваат и судовите, за нас е најважно да се одржи јавната безбедност, судството да функционира по закон. Секој од нас, сите ние сакаме и сакаме тие случаи да бидат во рамките на законот, тоа е за нас најважно, вели Маричиќ.
Со голем успех во работата не може да се пофали ниту Љупчо Николовски:
– А точно, Љупчо Николовски, како било кој друг граѓанин, полека ќе ти одговарам, има право на одмор, порача Николовски.
Вака се правдаше кога во среде пандемија и илјадници мртви замина на одмор во Дубаи. Македонија се наоѓа близу дното на сите рангирања во борбата против корупцијата. А и тој си има скандали зад себе. Со потсмев во јавноста беше прифатено неговото фалење на Фејсбук дека заплениле путер.
-Тоа што законски ме следува, нема да дозволам никој да ми го попречи. Три дена одмор на 16 часа работа за граѓаните и за државата, чесно, искрено и одговорно имам право да ги посветам на сопругата. Можеби контекстот од оваа временска дистанца е направена грешка од наша страна што е избран Дубаи за три дена, и не како одмор, туку и работни состаноци на сопругата која што живее односно работи за странска компанија, не за домашна, изјави Николовски.
Иако првично беше споменувана како фаворит, на Лукаревска сега и се даваат најмали шанси, но сепак истите постојат. Според информациите таа иако партиска заменичка на Заев, има најмала поддршка од лидерот на партијата, бидејќи е дел од скопското крило, каде СДСМ овие избори доживеа вистински дебакл.
Матеја Петровски