Пандемијата ги скрати работничките права

Наместо да се заштити, на работникот му се ускратија правата. Дел од уредбите кои ги донесе владата се недоречени и без решенија, смета адвокатот на штипското здружение „Гласен текстилец“. Голем е бројот на работници кои побарале правна помош. За дел од случаите веќе е почната судска постапка, а за еден е изречена и кривична пријава.

„Сето тоа се одрази врз пазарот на трудот во делот на работничките права. Во оваа анализа низ конкретни примери се опфатени дел од одредени прекршувања , како остварување на права на хронично болни, остварување на права на работниците при превозот организиран од страна на работодавачите, права на работниците кои се однесуваа при исплата на минимални плати и во конкретната ситуација може да се каже дека има голем број на прекршувања“, изјави Донче Стаменков – адвокат на Здружението Гласен Текстилец.

Во анализата којашто денес беше презентирана во рамки на Текстилијадата е опфатен периодот од 10 март до 10 јуни. Прекршување на работничките права освен во неколку фабрики во источниот регион евидентирани се и во Охрид, Гевгелија, Скопје, Битола и Гевгелија. Горчлив проблем и понатаму останува организираниот превоз на работниците.

„Стануваше збор за спогодбени откази за коишто работничките рекоа дека немат потпишано такво нешто, не им се продолжени договорите на определено време , како и безбедносните протоколи донесени за превозот на работничките, а не беа запазени“, вели Кристина Ампева од Здружението Гласен Текстилец.

Во април, мај и јуни ковид пандемијата го зададе најсилниот удар на текстилната и кожарската индустрија. Бруто домашниот производ во овие три месеци е намален за речиси 13%, намален е физичкиот обем на индустриското производство, а како резултат на тоа е намален бројот на вработени во овие две гранки. Доколку истата ситуиција продолжи и во 2021година, економисите сметаат дека треба да се направи пренамена на буџетските средства.

„Јас не гледам пример потреба културни и спортски манифестации, некој делови од општеството што ги финансира целосно владата да ги одржува, доволни се само платите, а не и трошоците за да ги одржува“, вели проф. д-д Никола Поповски.

Заклучно со август до Државниот инспекторат за труд се пристигнати 6000 преставки, а бројот на приматели на социјална помош е зголемен за 5000.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста