Проект за лица со попреченост во Штип шест години чека да биде реализиран

Повеќе од шест години во место тапка проектот за изградба на рехабилитацациски центар за лица со попреченост во Штип. Проектот е ставен на хартија. Има финансиска конструкција, но не и инвеститори. Идејата е на Зоран Мијалков, претседател на здружението „Сплотени срца“. Тој објаснува дека со изградбата на ваков центар лицата со попреченост ќе се оспособат самостојно да функционираат и по смртта на нивните родители.

„Значи само државата да дава некаков посебен додаток што во суштина е ништо, многу повеќе ќе направи ако се работооспособат, ако има рехабилитациски центри. Финансискиот буџет на фамилијата нема да се сведи само на едниот родител. Верувајте секој втор брак се растура. Оваа држава бидејќи не ги решава ваквите проблеми создава социјални случаи, создава трагедии“, вели Зоран Мијалков.

Во меѓувреме бројот на лица со попреченост расте. Сознанијата на Мијалков говорат дека за две години во Штип се регистрирани педесетина нови слуаеви. Инклузијата е само на хартија, а до личен асистент ретко кој доаѓа. Ја повика министерката лично да дојде за да се увери во тоа што зборува

„И во суштина инклузијата кај средно и полесно функционалните деца се сведува само на хартија. Ако имаш среќа твоето дете да добие асистент, па да биде прифатен и од наставникот и од учениците тогаш работите можат да тргнат на подобро. Но многу случаи има кога не е така“, изјави Зоран Мијалков, родител.

Проектот е направен по пример на европските центри. Се предвидуваа истиот да биде и финансиски одржлив на тој начин што штитениците на овој центар би произведувале храна или други производи.

И од Општината се запознати со идејата. Градоначалникот Иван Јорданов се надева дека до крајот на неговиот мандат Штип ќе стане единствениот град во регионот што ќе добие ваков центар.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста