Обвинителството се „изгуби“ во анализи и докази – Ќе има ли виновник за смртта на 14 луѓе во тетовската модуларна?

За тоа што 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во тетовската модуларна болница можно е и никој да не понесе кривична одговорност, може да се заклучи од најновиот одговор на Обвинителството на прашањето до каде е постапката.

Сепак, од друга страна одредени факти како да го наметнуваат прашањето дека има осомничени затоа што доколку нема зошто би траела толку долго истрагата која веќе намдминува шест и пол месеци. Се уште е во тек анализата на собраните докази, вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица како и стручни вештачења за да се открие како настрадаа 14-те мажи и жени кои беа болни и се лекуваа од Ковид-19.

Анализата на сите прибрани докази е во тек. Временски рок за завршување на предистражната постапка нема, односно таа трае додека не бидат прибрани сите потребни докази за да се потврди или отфрли основаноста на сомненијата за сторено кривично дело. Во моментот кога ќе биде донесена јавнообвинителска одлука во предметот, јавноста ќе биде известена. Дали во конкретниот случај надлежниот јавен обвинител ќе поднесе обвинение или ќе донесе друг вид одлука ќе зависи од прибраните докази и утврдените факти, се вели во соопштението на Јавното Обвинителство.

Во неколку месечната истрага беше побарана и добиена и помош од друга држава.


Четири вештачења беа направени со цел да утврдат причините поради кои настана пожарот во кој животите ги загубија 14 луѓе. Вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер како и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше Обвинителството во октомври 2021 по вештачењето на МВР.  Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата.

Јавноста за случајот побара оставки од министерот Венко Филипче и Владата, но тоа не се слули. Преку марш граѓаните на Тетово лани во септември побараа одговорност поради настраданите.

Александар Самарџиев

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста