Алармантно ниво на загаденост – Тетово синоќа број еден загаден град во светот

Аерозагадувањето во државава од ден на ден расте. Главниот град неколку пати се најде на листата топ 10 градови со висока загаденост во светот. Синоќа Тетово се најде на првото место градови со отровен воздух според податоците на сајтот Numbeo.

Освен со пандемијата, граѓаните перидов се во уште една борба – како што би рекле пулмолозите  – борба со второто зло. Лекарите предупредуваат да не се излегува надвор од две причини – заштита од корона вирусот и од аерозагадувањето. Потребна е дополнителна рестрикција во движењето посебно во овие смог денови. Дополнително загрижуваат научните истражувања кои покажуваат дека има поврзаност меѓу корона вирусот и аерозагадувањето, оти се фокусирани кон белодробниот систем.

Дека македонските градови се на врвот најзагадени во светот, покажува и извештајот на Европската комисија за состојбата со аерозагадувањето. Поради високата стапка на опасни ПМ – 10 честички, здравјето на жителите во Македонија е сериозно загрозено. Клучен проблем според извештајот, е начинот на греење. Тоа не е непознато за институциите, затоа беа најавени бројни мерки во оваа насока.

Според податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенси во домаќинствата“ и оваа грејна сезона во Македонија, скоро две третини од граѓаните ќе се греат на дрва како најисплатлива варијанта. Токму поради ова, беше најавен проектот со инвертерите но мал дел од граѓаните успеаа да искористат ваучери.

И покрај ветувањата на Владата, жителите и понатака се будат и заспиваат со смог. Дел од решенијата кои беа најавувани се заборавени или делумно спроведени. Жителите на главниот град кој периодов е актуелен поради загадениот воздух, ќе треба да чекаат уште една година да се спроведе решението со јавниот транспорт. Градоначалникот Шилегов најавува мерки, кои дури многу подоцна ќе дадат резултат, додека луѓето стравуваат за своето здравје.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста