Аларм за притисоци-се обидува ли Заев насила да го зачува владиното мнозинство?

Тргна ли власта во акција да го сочува кревкото парламентарно мнозинство за да го задржи Зоран Заев на премиерската позиција преку директни уцени до народните избраници? Пратеници од опозицијата тврдат дека власта брза во трите дена деловнички рок да добие повеќе гласови на своја страна па врши невидени притисоци во мнозинството во пресрет на утрешното гласање на доверба на владата. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вели дека се повторуваат сценаријата со интензивни притисоци врз и дека власта не се штеди ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди.

Веруваме и дека, како што граѓаните се одважија и на избори го испратија Заев и СДСМ во историјата, така и потписниците на иницијативата за гласање недоверба на власта ќе се одважат да се издигнат над непристојните предлози и над заканите, затоа што за нив, како опозициски пратеници, ништо не е поважно од јасно изразената волја на гласачите. Впрочем, на лагите на Зоран Заев повеќе никој не верува. Како опозиција ги регистрираме и собираме сите вакви наводи, докази, сите непристојни предлози од Заев и неговата свита во заминување, сите злоупотреби на функции и институции, правени само и само Зоран Заев да не се соочи со волјата на граѓаните, вели Стоилковски.

И пратеникот Љупчо Пренџов обвинува дека во Парламентот се вршени закани и уцени врз пратеници со цел да не гласаат за недоверба на Владата.

А работата на актуелната влада по втор пат годинава е ставена на тест. Иницијативата со 61 потпис веќе е во процедура. Собранискиот спикер Талат Џафери за в четврток ја закажа и седницата на која опозицијата бара да биде изгласана недоверба на владата предводена од Заев.

По еднонеделно молчење од Бихаќка за повлекувањето на Зоран Заев од функциите – партискиот врв на вечерва првпат ќе заседава во полн состав. Ќе успеат ли социјалдемократите да го предомислат Заев за оставките е едно од прашањата кое се наметнува во пресрет на веќе закажаната седница за гласање на недоверба на владата.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста