Аларм за недомаќинлук и злоупотреби во општините

Наместо да се намалуваат, долговите на општините растат, а финансиската инјекција која власта пред две години им ја даде на градоначалниците за да ги скрпат дупките во локалната каса не вроди со плод, алармираше заменик министерката за финансии Димитриеска – Кочкоска. Таа вели оти издвоените 50 милиони евра од буџетот само го поттикнале недомаќинското работење.

„Замислете, Општина Кичево заедно со нејзините единки корисници на 30.09.2018 имала вкупни обврски во износ 146.371.050 денари, за што им се доделиле вкупно 74.649.236 денари односно средства во износ од 51% во вкупните обврски. Целта била наводно Општината да ги намали долговите, но наместо тоа таа заедно со единките корисници повторно работи недомаќински, што е видно од податоците заклучно 31.12.2019 година каде имаат генерирано нови долгови и се во вкупен износ од 143.469.575 денари“, вели заменик министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

Најалармантно, според заменик министерката е што дел од општините исплатата кон доверителите ја вршеле без да ја пријават во електронскиот систем што било спротивно на Законот. За ова, вели, Владата знаела, ама ништо не презела.

„Општина Демир Хисар пак, и покрај тоа што ниту еден доверител не се пријавил на јавниот повик, како предуслов за исплата на средствата предвидени со законот, наместо да ги врати доделените средства во Буџетот на РМ, онака како што е со Законот предвидено, исплатила средства во износ од 1.320.434 денари“ вели Димитриеска – Кочоска.

Во 2018-тата Владата издвои 50 милиони евра за да го намали долгот на општините, кој тогаш изнесувал близу 100 милиони евра. Иако требало да се преполови, денес општинскиот долг е нешто над 56 милиони евра.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста