Аларм од хронично болните кои среде пандемија се изложени на ризик

Пациенти со хронични заболувања изложени на ризик. Наместо да седат дома и да се штитат од опасниот вирус, како што наложија надлежните, пациенти со сериозни дијагнози чекаат пред ординациите на докторите специјалисти за да го продолжат боледувањето. До редакцијата на Алфа стигнуваат поплаки од хронично болни кои поради вложената здравствена состојба од своите доктори добиле потврда за да останат на боледување уште два месеци, но во Комисијата за боледување им отвориле само 15 дена. Реагираат оти во услови на пандемија ги ризикуваат своите животи тропајќи од врата на врата, наместо да добијат долгорочен документ како што првично ветија надлежните. Од Здружението „Живот со предизвици’ велат оти искуствата на нивите членови се различни – некои потврда од специјалист добивале онлајн, други пак еднаш месечно морале да одат во ординациите на докторите за да подигнат нов документ.

„Она што успеавме да го добиеме како информација од нашите членови директно, сме немале комуникација со Клиниките, значи од месец на месец си го продолжуваат, платата им е намалена како да се на боледување. На некои од пациентите освен мислење од специјалист им бараат и конзилијарно мислење и комисиско мислење на некои им бараат и тоа малку е проблем“, вели Весна Алексовска од Здружението „Живот со предизвици“.

Апелираат, во ек на пандемија, кога бројот на заразени енормно расте, надлежните да ја поедностават процедурата за продолжување на боледувањата.

„Ние веќе испративме допис и до министерот дека треба да знае што се случува во однос на боледувањата и дека треба да им се олесни оваа ситуација на самите пациенти затоа што не е фер да се изложуваат на дополнителен ризик. А тие ги земаат овие боледувања за да не излегуваат до дома, за да не се изложуваат на ситуации каде што ќе можат да бидат заразени“, додава Алексовска.

На социјалните мрежи речиси секојдневно се споделуваат статуси за пациенти со хронични заболувања кои ја изгубиле битката со корона вирусот. Од групата за Поддршка за хронично болните во време на пандемија со Ковид 19, покренаа онлајн петиција со која ќе бараат од Владата и МЗ да ја повлечат одлуката дел од хронично болните пациенти да се вратат на своите работни места.

Пред два месеца повеќе здруженија на пациенти за ретки и хронични болести апелираа до надлежните хронично болните да бидат ослободени од работа додека трае корона пандемијата. Тогаш министерот Филипче вети оти потврдите за боледување ќе се вадат еднаш за шест месеци, што не се имплементираше во пракса. Владата пак во Септември донесе одлука, оние пациенти со хронични болести кои биле ослободени од работа со потврда од матичен лекар, и оние кај кои болеста не се влошила да се вратат на работа, откако беа ослободени во март на стартот од корона пандемијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста