Аларм од докторите: Масовното прославување на Нова Година може да донесе уште посилен бран на заразени од корона

Трка за слободна вила во Маврово – претстојните новогодишни празници ги вжештија телефоните на огласувачите кои издаваат викенд куќи во македонските ски центри. Најголем интерес за изнајмување има кај младите, кои по секоја цена сакаат и онаа Нова Година да ја дочекаат во друштво на пријателите, особено откако Владата им забрани на угостителите да работат по 21 часот. Но, дали желбата за организиран дочек на празниците во ек на пандемија, може да создаде нови, поголеми кластери?

„Ако се оствари тоа што, секој ден ако отворите огласи има изнајмуваме викендици, бараме викендоца и тн, младите бараат издувен вентил, но ако сакаме идното лето да се опуштиме како луѓе, да ги прерипаме сите овие слави што се пред нас, новогодишни и божиќни празници, секој нека остане во кругот на фамилијата или пак за младите со една до две особи со кои би сакале да ја дочекаат Новата година“, вели доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

Здравствените работници се веќе на колена – преморени и истрошени од девет месечната борба. Капацитетите се речиси исполнети, па можен нов посилен бран во јануари би бил голем удар за и онака кревкиот здравствен систем.

„Секое зголемување на бројката од оваа што ја имаме денеска мислам дека едноставно не ќе може ни физички ни просторно да се издржи. Голем дел од медицинскиот персонал, покрај заморот исто така е заболен, е вон строј, така што мислам дека реално капацитетите ни се тука“, додава Беќаровски.

Од стартот на пандемијата Клиниката за токсикологија е тријажен центар низ кој минуваат ургентните случаи. Дневно, екипите на Итната помош им носат по 20-тина пациенти во животозагрозувачка состојба. Оние кај кои брзиот тест ќе покаже позитивен резултат се хоспитализираат на Инфективна или на Неврологија. Останатите според видот на болеста, се транспортираат на другите клиники.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста