Ако Заев до крајот на неделава поднесе оставка, Македонија ќе добие нова Влада најдоцна до почетокот на декември

Ако премиерот Заев утре ја достави оставката до Собранието, нова Влада според роковите може да биде формирана најдоцна на почетокот на декември. Ако политичките партии пак се договорат за предвремени парламентарни избори, граѓаните повторно би излегле на гласање најбрзо во првата половина на март следната година. Законските рокови се јасни, откако оставката ќе биде доставена до Собранието, спикерот Талат Џафери, веднаш треба да ја достави до пратениците и до претседателот на државата, и на прва собраниска седница, да биде констатирана, без претрес и без дебата. Новиот мандатар има рок од 20 дена да состави Влада, но доколку е веќе испланирано ,тоа може да се случи и побрзо, односно влада да се добие и кон крајот на ноември. Професорката по уставно право Тања Каракамишева, објаснува дека за сите сценарија кои се во игра, клучно е парламентарното мнозинство.

Првото сценарио доколку актуелното парламентарно мнозинство опстои во тој случај, во консултација со претседателот на државата,  тој е должен да го определи мандатарот од тоа мнозинство, доколку има ново парламентарно мнозинство, претседателот ќе го определи од новото – вели професорката по уставно право Тања Каракамишева.

Доколку политичките партии се договорат за нови предвремени избори, законот е јасен и предвидува формирање техничка влада.

Трето сценарио е доколку политичките партии се договорат за нови предвремени избори, при тоа имаме ситуација, кога ќе биде договорен денот за одржување на избори, 100 дена претходно да биде избрана нова преодна влада за спроведување на избори, која што ќе биде предводена од нов претседател на влада, но тој претседател ќе го предложи парламентарното мнозинство, значи клучот го има парламентарното мнозинство – додава Каракамишева.

Доколку Собранието се самораспушти, според Деловникот, тече рок од 60 дена да се распишат предвремени парламентарни избори на кои инсистира опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но за самораспуштање треба да се согласат мнозинството пратеници кое во моментов го држи СДСМ и за кое владината коалиција тврди дека е стабилно.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста