Ако ситуацијата ескалира, градинките пак ќе се затворат

Повторно ќе се стави клуч на врата на градинките, ако се зголеми бројот на заразени од Ковид 19 во овие установи. Таа можност е се уште отворена – потврди директорот на Здравствен дом Скопје. Министерката за труд Јагода Шахпаска тврди дека состојбата се следи на дневно ниво и ако бројката на заразени ескалира, Владата ќе презела мерки за заштита на здравјето на децата и воспитувачите. Родителите го вклучија алармот откако изостана скринингот на вработените пред да се отворат градинките и по неколкуте случаи на болни во градинки во Скопје, Битола, Струмица и Свети Николе. До министерката се уште не стигнале жалбите на родителите дека во некои градинки нема средства за дезинфекција.

Родителите стравуваат дека бројот на заразени во градинките ќе се зголемува бидејќи следната недела оние кои треба да се вратат на работа, пак ќе ги пуштат децата во градинка. Шахпаска вели дека протоколите дозволувале во една група да се сместат и до 12 дечиња на возраст до 2 години. Голем број на родители не ги пуштале децата во градинка, но плаќале за чување на местата. Шахпаска вели дека приоритет за згрижување треба да имаат децата на двајца родители кои работат или на самохраните мајки и татковци.

Ако снема места за згрижување на дечињата, општините треба да обезбедат алтернативни капацитети – вели Шахпаска. Во тој случај треба да се преадаптираат слободни училници, домови на култура и други објекти. Сепак, засега слободни капацитети има. Од 19 илјади места, пополнети биле 14.500.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста