Ахмети сака да биде Грета Тунбер: ДУИ навистина изненади- стануваат екологисти

Ниту Албанец кандидат за градоначалник на Скопје, ниту некаква платформа, ниту пак повлекување на лидерот на партијата, очигледно само еден пи- ар потег на интегративците, кои речиси цела недела ја држеа јавноста во неизвесност, најавувајќи нешто големо како идејата за Албанец премиер. Се тресеше гората се роди глушец, Ахмети го детонираше големото изненадување, односно дека ДУИ станува зелена партија. Лидерот на интегративците, наместо онлајн како што беше најавено, ги собра медиумите и дел од партиските симпатизери во Градскиот парк во Скопје, за да соопшти дека ДУИ од национална станува еколошка партија, притоа земајќи пример од активистката Грета Тунберг.

-Една млада девојка, Грета Тунберг, го обиколи светот со алармот за климатските промени и еколошката политика и сите и ја отворија вратата. Сега дојде време и ние да ги прифатиме овие политики, изјави Ахмети.

Ахмети кажа дека биле исполнети речиси сите политички амбиции на Албанците во Македонија, како што е усвојувањето на Охридскиот рамковен договор, членството во НАТО, и запечатувањето на европската иднина на државата. Изрази задоволство што конечно речиси сите најголеми институции во државата биле раководени од Албанци.

-Денес се наоѓаме во околности кои се чинеа невозможни пред една деценија, околности кога Албанците претседаваат со Собранието, ја водат и владата, дипломатијата, финансиите, полицијата и армијата, судството, заедно со други важни институции и го прават тоа најдостоинствено, изјави Ахмети.

Инаку, сега како ретко кога, можеби и прв пат на официјален партиски настап, Али Ахмети говорот го започна и заврши со зборови на македонски јазик.

-Почитувани медиуми, драга младино, почитувани граѓани, добар ден. Ви благоадарам, имајте убав ден, вака го започна и заврши говорот Ахмети.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста