Ахмети не му ја прифаќа оставката на Заев: Имаме коалициски договор, јас имам договор со него!

Али Ахмети не ја прифаќа оставката на Зоран Заев. На лидерот на ДУИ не му се допаѓа најавата на премиерот, дека ќе замине од функцијата, ако Петре Шилегов загуби во Скопје, бидејќи вели имале договор кој мора да се исполни. Последното јавно изјавено барање на ДУИ е Албанец претседател на Македонија, но Ахмети не спомена дали тоа е дел од договорот. Според првиот човек на Интегративците оставка на Заев би немала логика, бидејќи тој не бил градоначалник на Струмица, туку премиер.

-Зоран Заев има договор со коалициските партнери. Јас имам договор со него. Нема никаква смисла и логика Заев да даде оставка ако се изгуби Скопје. Не дека ќе го изгуби, но не е добро така да изјавува. Тој е премиер, не е градоначалник на Струмица. Никако не смее да даде оставка. Државата има многу сериозни предизвици. Заев има мандат и не може да се повлече. Имаме владина програма. Имаме сериозни проекти кои сме ги ветиле. Затоа, не верувам дека ќе даде оставка, изјави Ахмети.

Оваа изјава на Ахмети доаѓа на само неколку дена, откако премиерот првично неколку пати најави, дека доколку Шилегов не го добие Скопје, тогаш ќе се повлечел од Илинденска, но никогаш не го спомена зборот оставка.

-Јас денеска кажав дека јас не можам да водам Влада, ниту Влада предводена од мене да движат во спротивни правци. Нашиот правец е напред дома, обединување, едно и еднакво општество за сите, владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, унапредување на економскиот стандард на граѓаните, одговори Заев на новинарско прашње.

Сепак како одминува времето и доаѓа денот на изборите, така и Заев веќе не зборува за повлекување. Дури и директно запрашан дали ќе се повлече од функцијата ако не го добие Скопје, не одговори. А ставот дека не размислува за предвремени избори го повтори уште еднаш, сега во интервју за српска „Политика“.

-Не ни требаат нови избори. После долго време конечно имаме 2.5 години пред нас, период без избори, тоа е ретка можност. Тоа е она што го бараат граѓаните и она што е неопходно за економските перспективи. Јас цврсто стојам на тоа дека треба да се зграби оваа можност и државата веднаш после овие избори да продолжи напред кон раст на платите и пензиите и кон отворање на нови 150.000 работни места колку што имаме испланирано за следните години, вели Заев.

Изјавата на Ахмети дека не му се допаѓа најавата за оставка на Заев, доаѓа во моменти кога се погласни се шпекулациите за ново парламентарно мнозинство, во кое албанската опозиција не сака да го види ДУИ.

Матеја Петровски

Advertisements