Афера „Рекет“- утре почнува судењето

Повеќе од половина година откако беше отворена предистрагата за „Рекет“ обвинетите конечно ќе седнат во судските клупи. Иако во јавноста се појавија сомнежи дека во овој случај покрај Боки 3, Катица Јанева и Зоран Милески, има и други вмешани, меѓу кои и функционери од власта, утре во Кривичен како обвинети ќе се појават само овие тројца.

Во Шутка остана само Јовановски, а Кичеец и Јанева беа пуштени во домашен притвор. Денеска од Апелација таква мерка побара и првообвинетиот, но тој сепак првото рочиште ќе го дочека од Шутка. Од Апелациониот суд велат дека одлуката нема да биде соопштена во текот на денешниот ден. Од Вишото јавно обвинителство пак дадоа негативно мислење за ваквото барање.

„Рекет“ не е единствен случај во кој е вмешан Јовановски. Тој е осомничен и за измами во невладината Меѓународен сојуз, каде што покрај него таква улога има и пратеничката на СДСМ Фросина Ременски. Таа на Фејсбук како да се закани до судиите и обвинителите, осврнувајќи се на повикот на премиерот Заев за чистење во правосудството. Иако осомничена, Ременски најави откривање на злоупотреби од страна на судии и обвинители во периодот од 2013 до 2019-та година.

-Во име на овој повик ќе дадам активен придонес со јавно објавување на сите поднесоци ставени во фиока потпишани со мое име и презиме и откриени злоупотреби. И ќе барам одговорност независно кој ќе биде допрен со чистење на прашината (ако “чистењето” е искрен подвиг) и тоа во име на паролата дека, законот мора да важи за сите – парола во која се помалку веруваат и граѓаните и тие што “спроведуваат правда”, пишува на Фејсбук Ременски.

Покрај Јовановски и Катица Јанева може да се најде уште еден случај на Обвинителството. Од таму минатата недела пратија истражители да проверат како во СЈО се трошеле „солените“ суми, дали можеби има финансиски малверзации.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста